Според упатени извори, разрешувањето на Бонди од функцијата, меѓу другото, било и поради лошо управување со објавувањето документи за истрагите на Министерството за правда за покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, кој негувал пријателски врски со моќни личности, меѓу кои и со актуелниот претседател на САД пред да биде избран на функцијата
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека ја разрешил државната обвинителка Пем Бонди од функцијата. Како што објави Ројтерс, отпуштањето на Бодни е поради зголеменото незадоволство на Трамп од нејзината работа, особено во врска со објавените документи за покојниот сексуален престапник Џефри Епстин.

Повикувајќи се на свои извори, американските медиуми пренесуваат дека Трамп сметал дека Бонди не се движи доволно брзо во гонењето на неговите критичари и противниците кои тој сакал да ги види обвинети.
Како што објави американскиот претседател на социјалните мрежи, со Министерството за правда на САД привремено ќе раководи досегашниот заменик на Бонди, Тод Блаш, кој е поранешен личен адвокат на Трамп.
Само неколку часа пред да соопшти дека ја разрешил, претседателот на САД ја пофали Бонди наведувајќи дека таа била голем американски патриот и лојален пријател, кој го надгледувал масовното справување со криминалот.
Според Трамп, разрешената државна обвинителка наскоро ќе продолжи да работи во приватниот сектор.
Условно кажано, наследникот на Бонди, Тод Бланш, му се заблагодари на Трамп за поставувањето на функцијата и истовремено ја пофали Бонди за нејзината досегашна работа.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме полицијата, да го спроведуваме законот и да правиме сè што е во наша моќ за да ја одржиме Америка безбедна“,
наведе Бланш во објава на социјалните мрежи.
За време на својот мандат на чело на американските агенции за спроведување на законот, Бонди се истакнуваше како суров и бескомпромисен застапник на политиките на Трамп. Таа дури ја прекрши долгогодишната практика на независност на Министерството за правда од Белата куќа во спроведувањето истраги.
Сепак, постојаните критики за досието на Епстин, вклучително и од сојузниците на Трамп и некои републикански пратеници, на крајот доминираа во нејзиниот мандат, потсетува Ројтерс.
Таа беше обвинета за прикривање или лошо управување со објавувањето документи за истрагите на Министерството за правда за Епстин, финансиер кој негувал врски со моќни личности.
Висок функционер во Белата куќа за Ројтеср изјавил дека Трамп ѝ кажал на Бонди неколкупати во последните неколку месеци дека е незадоволен од нејзината работа.
Функционерот додал дека Трамп размислувал да ја замени со Ли Зелдин, администратор на Агенцијата за заштита на животната средина, но предвид имал и други кандидати со кои разговарал.
За потсетување, Трамп на 5 март ја отпушти министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем по критиките за нејзиното управување со агенцијата и агендата на Трамп за имиграцијата.
