Според него, европските сојузници ќе се вклучат во таа насока, наведувајќи дека Франција, Германија и Велика Британија се меѓу земјите што размислуваат да испратат свои трупи за да ја зајакнат одбраната на Украина
Американскиот претседател во интервју за Фокс њуз денеска изјави оти се надева дека Владимир Путин „ќе биде добар“ и ќе продолжи да се движи во насока на ставање крај на војната во Украина, но ја остави отворена можноста рускиот лидер да не сака да склучи договор. Во тој случај Трамп рече дека неговиот руски колега би се соочил со „ужасна ситуација“
Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за распоредување американски трупи во Украина, во своето прво интервју по вчерашниот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа.
„Ја имате мојата гаранција, јас сум претседател“,
изјави Трамп во телефонско интервју за Фокс њуз, одговарајќи на прашањето дали американските сили би можеле да бидат испратени да ги штитат украинските граници во случај на нова инвазија од страна на Русија.

Во разговорот, тој повтори дека Украина нема да биде примена во НАТО додека е тој во Белата куќа, но рече дека Киев сепак ќе добие безбедносни гаранции.
Според него, европските сојузници ќе се вклучат во таа насока, наведувајќи дека Франција, Германија и Велика Британија се меѓу земјите што размислуваат да испратат свои трупи за да ја зајакнат одбраната на Украина.
Дека Трамп дефинитивно ја исклучил можноста за испараќање американски трупи во Украина попладнево (според средноевропско време) на прес-конфренција потврди и портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
„Американските трупи нема да бидат на терен во Украина, но секако можеме да помогнеме во координацијата и можеби да обезбедиме други средства за безбедносни гаранции за нашите европски сојузници“,
рече таа, пренесе „Гардијан“.
Во таа насока, таа додаде дека Трамп му наложил на својот тим за национална безбедност да се координира со Европа и да продолжи да ги дискутира овие прашања со Украина и со Русија.
Прашана дали американскиот претседател размислува за испраќање американски воздухопловни сили, ако веќе е исклучена можноста од копнени трупи, како дел од безбедносните гаранции за Украина, Левит рече дека тоа останува како опција.
Во врска со промената на планот, односно преминувањето од трилатерален состанок на состанок еден на еден меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски, портпаролката на Белата куќа кажа дека двајцата лидери изразиле подготвеност да седнат на маса на тет-а-тет.
„Тој (Доналд Трамп) сака овие две земји да се вклучат во директна дипломатија. Тој го кажа тоа од самиот почеток“,
додаде Левит.
Инаку, подготвеноста на Путин да се сретне со Зеленски е нов развој на настаните во напорите за ставање крај на војната во Украина.
„Политико“, повикувајќи се на висок функционер на администрацијата на САД, денеска објави дека кога Трамп вчера го повикал рускиот претседател за да му понуди присуство на состанокот меѓу него и Зеленски, Путин наводно рекол: „Не мора да доаѓате. Сакам да се видаме еден на еден“.
Според изворот на „Политико“, тимот на Трамп веќе почнал да работи на организирање на средбата, а задачата за тоа му е доверена на неговиот специјален пратеник Стив Виткоф.
Портпаролката на Белата куќа за време на прес-конференцијата неколку пати беше прашана за локацијата на состанокот меѓу Трамп, Зеленски и Путин, но не сакаше да открие ништо, одбивајќи да ги коментира извештаите кои сугерираат дека тоа би можела да биде унгарската престолнина, Будимпешта, како и дека наводно Кремљ ја предложил Москва за место на состанокот.

Британски „Гардијан“ ги пренесува тековните пишувања на „Политико“ кој објавува дека Белата куќа планира самитот да се одржи во Будимпешта, повикувајќи се на функционер од администрацијата на Трамп и лице блиско до администрацијата.
Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп во интевјуто за Фокс њуз изјави оти се надева дека Владимир Путин „ќе биде добар“ и ќе продолжи да се движи кон ставање крај на војната во Украина, но ја остави отворена можноста дека рускиот лидер можеби нема да сака да склучи договор.
„Искрено, не мислам дека тоа ќе биде проблем. Мислам дека Путин е уморен од тоа. Мислам дека сите се уморни, но никогаш не се знае. Ќе откриеме во наредните недели што сака претседателот Путин. Можно е тој да не сака да склучи договор“,
рече Трамп.
Тој додаде дека доколку рускиот претседател одбие мировен договор, тогаш би можел да се соочи со, како што ја нарече, „ужасна ситуација“.
„Се надевам дека претседателот Путин ќе биде добар, ако не, тоа ќе биде ужасна ситуација“,
рече Трамп.
Во однос на украинскиот претседател, тој рече оти се надева Зеленски „ќе го направи она што мора да го направи“ и дека мора да покаже флексибилност.