Претседателот на САД им заблагодари на граѓаните на Косово за континуираната поддршка во напорите на САД за справување со глобалните предизвици во Украина, Газа и други земји. Го поздрави и учеството на Косово во „Советот за мир“, кој на негова иницијатива е формиран како тело кое треба да придонесе за прекин на конфликтите низ целиот свет
Американскиот претседател Доналд Трамп на властите во Косово им ја честита 18-годишнината од прогласувањето независност на државата, што се одбележува на утрешен ден. Во писмото на Трамп до косовското претседателство тој ја потврдува непоколебливата поддршка на Америка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.

„Додека односите меѓу нашите две земји продолжуваат да се развиваат, очекуваме проширување на нашето партнерство, вклучително и зголемување на трговијата и инвестициите што поттикнуваат заеднички просперитет. САД се подготвени да соработуваат со Косово за унапредување на мирот и стабилноста за општо добро“,
наведува Трамп во писмото до косовските власти.
Американскиот претседател упати благодарност до граѓаните на Косово за континуираната поддршка во напорите на САД за справување со глобалните предизвици во Украина, Газа и други земји. Го поздрави и учеството на Косово во „Советот за мир“, кој на негова иницијатива е формиран како тело кое треба да придонесе за прекин на конфликтите низ целиот свет.
Соединетите Американски Држави беа меѓу првите земји што ја признаа независноста на Косово, прогласена на 17 февруари 2008 година. Косовската државност е признаена од 121 земја.
