„Се надевам дека и Русија ќе го направи договорот…Мислам дека нема повторно да се вратат на пукањето. Навистина верувам дека ако имавме… ако добиеме мировен договор, договор за прекин на огнот, мислам дека тоа води кон мир, тоа навистина ќе доведе до мир. И мислам дека ако претседателот Путин се согласи на прекин на огнот, тогаш ќе бидеме во многу добра позиција да го завршиме тоа“, изјави американскиот претседател за време на средбата во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Првата реакција на рускиот претседател во однос на предлогот за прекин на огнот во Украина, неговиот американски колега, Доналд Трамп ја оцени како „многу ветувачка изјава“, но додаде дека не била целосна.

„Би сакал да се сретнам со него или да разговарам со него, но мораме брзо да го завршиме тоа“,
рече Трамп одговарајќи на новинарски прашања во Овалната соба на Белата куќа каде се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета на Вашингтон.
Говорејќи за предлогот за прекин на огнот во Украина што произлезе по средбата меѓу делегациите на САД и Украина во Саудска Арабија, Трамп спомена повеќе детали околу тоа што се случувало за време на преговорите во Џеда.
Американскиот претседател во таа насока рече дека „се разговарало за многу поединечни теми“.
„Па, ние би сакале да видиме прекин на огнот од Русија. Ние, знаете, не работевме во темница. Разговаравме за … украинската територија и парчиња од територијата што ќе се зачуваат и изгубат, и сите други елементи на конечниот договор. Вклучена е електрана. Знаете, вклучена е многу голема централа. Кој ќе ја добие централата и кој ќе го добие ова и она? Знаете, тоа не е лесен процес. Но, првата фаза е прекин на огнот“,
изјави Трамп.
Тој кажа дека разговарале за концептот околу територијата, бидејќи, како што кажа никој не сака да губи време со прекин на огнот, ако тоа нема да значи ништо.
„Значи, ние велиме: Погледнете, ова е она што можете да го добиете, ова е она што не можете да го добиете. Многу детали за конечниот договор се всушност дискутирани. Сега ќе видиме дали Русија ќе се согласи или не, ако не, тоа ќе биде многу разочарувачки момент за светот“,
рече американскиот претседател, пренесе „Гардијан“.
Американскиот претседател беше прашан и дали има средства за притисок врз Русија околу ова прашања, на што тој одговори дека има, но оти не сака да зборува за тоа, бидејќи изјавите што ги дал Путин денеска биле, како што кажа, прилично позитивни.
„Се надевам дека и Русија ќе го направи договорот…Мислам дека нема повторно да се вратат на пукањето. Навистина верувам дека ако имавме… ако добиеме мировен договор, договор за прекин на огнот, мислам дека тоа води кон мир, тоа навистина ќе доведе до мир. И мислам дека ако претседателот Путин се согласи на прекин на огнот, тогаш ќе бидеме во многу добра позиција да го завршиме тоа“,
рече Трамп.
Тој, исто така, беше прашан и околу стравувањата кај некои од сојузниците во НАТО за агресивната позиција на Русија, на што рече дека според него овие стравови се неоправдани.
„Кога ова ќе се направи, ќе биде готово, сите ќе сакаат да си одат дома и да се одморат“,
изјави американскиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Прутин денеска изјави дека Москва начелно се согласува со предлогот на Соединетите Американски Држави (САД) за прекин на огнот во Украина, но додаде дека „има детали“ за кои треба да се разговара и дека секој договор треба да води кон долгорочен мир.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на заедничката прес-конференција со неговиот белоруски колега, Александар Лукашенко, рускиот претседател наговести дека за прашањата што сè уште остануваат отворени можно е да разговара телефонски со Трамп.
„Идејата е добра, и ние апсолутно ја поддржуваме, но има прашања што треба да ги разговараме и мислам дека треба да преговараме со нашите американски колеги и партнери, можеби преку телефонски повик со претседателот Трамп, но самата идеја да се стави крај на овој конфликт со мирни средства ние ја поддржуваме“,
изјави Путин.