Пораката на Трамп доаѓа додека сè уште трае потрагата по исчезнатиот американски пилот на еден од двата борбени авиони што вчера беа соборени над Иран и Персискиот Залив
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно упати остра порака до Иран во која се закани дека доколку Техеран за 48 часа не склучи договор или не го отвори Ормускиот Теснец ќе се соочи со пекол од Соединетите Американски Држави.

Пораката, со новиот ултиматум до Иран, тој ја упати преку објава на неговата социјална платформа Трут сошал (Truth social).
„Се сеќавате кога му дадов на Иран 10 дена да склучи договор или повторно да го отвори Ормускиот Теснец. Времето истекува за 48 часа пред да им нанесеме пекол. Слава му на Бога!,
напиша Трамп.
Трамп на 26 март му даде на Техеран ултиматум од 10 дена да постигне договор за ставање крај на конфликтот и да го отвори Ормускиот Теснец, клучен воден пат преку кој се одвива транспортот на четвртина од енергенсите во светот.
Ултиматумот тогаш беше поставен до понеделник, 6 април, во 20 часот по вашингтонско време.
Доколку теснецот не се отвори, американскиот претседател се закани дека ќе ги уништи иранските електрани и друга клучна инфраструктура во земјата.
Пораката на Трамп доаѓа додека сè уште трае потрагата по исчезнатиот американски пилот на еден од двата борбени авиони што вчера беа соборени над Иран и Персискиот Залив.
По пилотот трагаат американските, но и иранските сили кои понудија награда доколку пилотот биде пронајден и заробен жив.
За потсетување, американски борбен авион со двочлен екипаж, „Ф-15Е“ беше соборен од страна на иранските сили. Еден од пилотите беше спасен, а по другиот сè трага во планинските региони на југозападот од Иран. Хеликоптери од типот „Блек Хок“ веднаш тргнаа во потрага по него, но и тие беа погодени, по што успеаја да го напуштат иранскиот воздушен простор.
Вториот борбен авион од типот „А-10 вортхог“, се урна во Кувајт, во близина на Ормутскиот Теснец, откако беше погоден од иранската воздушна одбрана. Пилотот, според информациите, успеал да се катапултира, по што бил преземен од американската војска и се наоѓа на безбедно.
Централната оперативна команда на иранската војска „Хатам ал-Анбија“ вчера соопшти дека Иран употребил нов систем за воздушна одбрана за да ги гаѓа американските борбени авиони, пренесе Ројтерс.
