Централната команда на САД вчера соопшти дека флота воени бродови со носач на авиони е распоредена на Блискиот Исток за да промовира регионална безбедност и стабилност
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Иран е заинтересиран за дипломатско решение на тензиите. Оваа негова изјава дадена во интервју за порталот „Аксиос“ доаѓа откако американскиот носач на авиони со придружната борбена група пристигна на Блискиот Исток.

Трамп претходно се закани дека ќе го нападне Техеран ако тамошната влада не го запре насилното задушување на протестите.
Потоа, ја омекна својата реторика откако Иран го увери дека се запрени егзекуции на притворени демонстранти, но и по информациите дека таков напад на Техеран нема да им помогне на оние што протестираат во нивната цел за промена на режимот.
Во интервју за „Аксиос“, Трамп вели дека верува оти иранските власти се подготвени за договор, делумно затоа што испратил голема армада во регионот.
„Тие сакаат да постигнат договор. Го знам тоа. Се јавија во повеќе наврати дека сакаат да разговараат“,
рече тој.
Потоа, потсети дека покрај Иран е сместена голема армада, додавајќи дека е поголема и од онаа на Венецуела.
Централната команда на САД вчера соопшти дека флота воени бродови со носач на авиони е распоредена на Блискиот Исток за да промовира регионална безбедност и стабилност.
Протестите во Иран започнаа кон крајот на декември минатата година, поттикнати од незадоволството од галопирачката инфлација, но брзо се претворија во масовно движење против Исламската Република. Организациите за човекови права ги обвинија властите дека го искористиле прекинот на интернет-врските за да пукаат директно кон демонстрантите.
Активистите изјавија дека повеќе од 4 500 демонстранти се загинати. Точните бројки не се достапни, иако иранските власти објавија дека официјалниот број на жртви е 3 117 лица, вклучувајќи и припадници на безбедносните сили.
Во јуни 2025 година, Трамп нареди напади врз три ирански нуклеарни објекти, а операцијата се случи за време на 12-дневната војна на земјата со Израел.
Одлуката за напад врз нуклеарната програма на Иран беше еден од неколкуте потези на Трамп што предизвика револт кај некои републиканци, кои го повикаа да се фокусира на домашните прашања.
