Трамп во понеделникот вети дека ќе воведе царини за Канада, Мексико и Кина преку извршни наредби што планира да ги потпише на својот прв ден на функцијата како одмазда за, како што вели, нивната вмешаност во протокот на смртоносниот фентанил и мигранти во Соединетите Држави
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Мексико ќе го запре протокот на мигранти по разговорите со мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, и откако тој се закани дека ќе воведе царини за земјата на почетокот од оваа недела.
„Само што имав прекрасен разговор со новата претседателка на Мексико, Клаудија Шејнбаум. Таа се согласи да ја запре миграцијата низ Мексико и во Соединетите Држави, практично затворајќи ја нашата јужна граница“,
напиша Трамп на својата платформа Трут соушл.
Тој го опиша разговорот со Шејнбаум како продуктивен.
„Разговаравме и што може да се направи за да се запре масовниот проток на дрога во САД, како и консумацијата на дроги во САД“,
рече Трамп.
Тој додаде:
„Мексико ќе ги спречи луѓето да одат на нашата јужна граница. На долг рок, ова ќе придонесе за запирање на илегалната инвазија на САД“.
Трамп во понеделникот вети дека ќе воведе царини за Канада, Мексико и Кина преку извршни наредби што планира да ги потпише на својот прв ден на функцијата како одмазда за, како што вели, нивната вмешаност во протокот на смртоносниот фентанил и мигранти во Соединетите Држави.
Мексиканската претседателка потврди дека разговарала со Трамп, велејќи дека му ја објаснила сеопфатната стратегија што Мексико ја води за да го реши проблемот со миграцијата, со почитување на човековите права, но како што нагласи, не планира да ја затвори границата.
„Мексико нема интерес да ја затвори границата. Ние сакаме да градиме мостови меѓу влади и меѓу луѓе. Му реков на Трамп дека Мексико веќе се грижи за мигрантските карвани, кои не стигнуваат до границата со САД“,
изјави Шејнбаум.
