Трамп разговараше со Путин во Алјаска кон средината на август, а потоа се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и клучните европски сојузници во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и ги отфрли шпекулациите за неговата лоша здравствена состојба како лажни вести. Во интервју за радио-емисијата „Скот Џенингс“, Трамп рече дека е многу разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и додаде, без да образложи повеќе, дека неговата администрација планира да преземе некои мерки за намалување на бројот на жртви во Украина.
„Имавме одлични односи, но сега сум многу разочаран од претседателот Путин и ќе направиме нешто за да им помогнеме на луѓето таму да живеат. Илјадници луѓе умираат, тоа е бесмислена војна“,
рече Трамп, осврнувајќи се на Украина.
Трамп разговараше со Путин во Алјаска кон средината на август, а потоа се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и клучните европски сојузници во Белата куќа.
По тие состаноци, Трамп рече дека очекува Зеленски и Путин да се сретнат пред трилатералниот состанок на кој ќе присуствува и Трамп. Зеленски рече дека Русија прави сè што може за да спречи состанок меѓу него и Путин, додека Русија вели дека агендата за таков состанок не е подготвена.
Трамп, исто така, во интервјуто рече дека не е загрижен за потенцијален сојуз меѓу Русија и Кина, кратко по средбата на Владимир Путин и Си Ѓинпинг во Пекинг.
„Воопшто не сум загрижен за тоа. Ја имаме убедливо најмоќната војска во светот и тие никогаш не би ја употребиле својата воена моќ против нас. Верувајте ми, тоа би било најлошото нешто што би можеле да го направат“,
додаде тој.
Трамп во интервјуто ги отфрли извештаите на социјалните медиуми за неговата лоша здравствена состојба, нарекувајќи ги лажни вести и велејќи дека бил многу активен во текот на викендот.
Неговите коментари следеа по гласините на интернет дека неговото здравје се влошува, па дури и дека починал, кои почнаа да кружат откако тој не се појави во јавноста неколку дена. Тие беа дополнително поттикнати од изјавата на потпретседателот Џеј-Ди Венс дека е подготвен да ја преземе функцијата ако му се случи некоја трагедија на Трамп.
„Не сум ги видел тие гласини. Тоа се лаги. Никогаш не сум се чувствувал подобро“,
рече тој кога новинарите го прашаа за неговата здравствена состојба.