Трамп е првиот поранешен или сегашен претседател кој се соочува со кривични пријави, но правните експерти велат дека тоа не го спречува да се кандидира за функција или да ја преземе функцијата претседател дури и ако е осуден
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп по сослушувањето во врска со обвинението за неовластено држење документи, изјави дека Соединетите Држави се корумпирани.
„Имаме земја која е корумпирана и која нема граници, земја која нема ништо друго освен проблеми“,
рече Трамп по излегувањето од судот во Мајами.
Тој тврди дека американската нација е во пад.
„Земјата се распаѓа како никогаш досега и не можеме да дозволиме да се случи тоа“,
рече Трамп, кој се изјасни за невин.
Неговото изјаснување за обвинението пред американскиот судија Џонатан Гудман во федералниот суд во Мајами е основата на правната битка што ќе се одвива во наредните месеци во време на кампањата на Трамп да освои уште еден претседателски мандат на изборите следната година. Експертите велат дека судењето може да потрае една година или повеќе.
Трамп е првиот поранешен или сегашен претседател кој се соочува со кривични пријави, но правните експерти велат дека тоа не го спречува да се кандидира за функција или да ја преземе функцијата претседател дури и ако е осуден.
Обвинението се состои од 37 точки (кривични дела). Станува збор за документи што Трамп ги чувал на својот приватен имот на Флорида, каде што дел од нив биле и во салата за бал и во бањата.
Доверливите документи што ги чувал тој се однесувале на: нуклеарните програми на САД, одбранбените и вооружени способности, потенцијалните слабости на САД и сојузниците при евентуален воен напад и планови за евентуална одмазда како одговор на напад од странски сили.
Трамп претходно беше обвинет и од Окружното обвинителство на Менхетн за фалсификување деловни документи во врска со пари платени на порноѕвезда во замена за молчење за аферата пред претседателската трка во 2016 година.
Трамп чувал доверливи документи на САД во бањата и салата за бал на неговиот имот во Флорида