Иако не ги вклучува безбедносните гаранции што Украина ги посакуваше, договорот може да отвори долгорочна соработка меѓу Киев и администрацијата на Трамп по неколкунеделни напнати преговори
Украина постигна договор со САД за експлоатација на нејзините клучни минерални ресурси, потврдил извор од украинската влада за Сакј њуз. Договорот се очекува да биде потпишан за време на средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Постигнавме договор со голем број добри измени и сметаме дека тоа е позитивен исход“, изјавил украинскиот функционер за Сакј њуз.
Американскиот претседател им рече на новинарите дека Володимир Зеленски „доаѓа во посета во петок“ и додаде дека украинскиот претседател „би сакал да потпише договор за минерали“.
„Во основа го договоривме нашиот договор за ретки минерали“, рече Трамп.
Договорот предвидува формирање нов фонд кој ќе инвестира во украински минерали, ретки земјени материјали и други природни ресурси. Клучна промена од претходните предлози е тоа што документот повеќе не го содржи барањето на САД за правото на 500 милијарди американски долари потенцијални приходи од овие ресурси, што Зеленски претходно го опиша како несериозна понуда.
Иако не ги вклучува безбедносните гаранции што Украина ги посакуваше, договорот може да отвори долгорочна соработка меѓу Киев и администрацијата на Трамп по неколкунеделни напнати преговори.
Украинските власти го гледаат договорот како важен чекор во продлабочувањето на економските и стратешките односи со САД, особено во контекст на војната со Русија.
„Договорот за минерали е само дел од сликата. Слушнавме повеќе пати од американската администрација дека тоа е дел од поголема слика“, изјави за „Фајненшл тајмс“ Олха Стефанишина, заменик-премиер и министер за правда на Украина, која ги водеше преговорите.
„Очекуваме договорот да биде финализиран и брзо потпишан“, изјави извор од украинската влада.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски в петок ќе отпатува за Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, потврдил извор од украинската влада за Скај њуз.
Според истиот извор, датумот на средбата бил предложен од американската страна.
Владата на Зеленски, исто така, ќе мора да побара одобрение од украинскиот парламент, каде опозициските пратеници сигнализираа дека во најмала рака ќе имаат жестока дебата пред да го ратификуваат таквиот договор.
Зеленски досега одбиваше да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп, велејќи дека условите, кои вклучуваа откажување од Киев од приходите од минерали, нафта и гас, плус заработка од пристаништата и друга инфраструктура во износ од 500 милијарди долари – се премногу сурови.