Последната лична средба на Зеленски и Трамп се одржа во април во Ватикан, пред погребната церемонија на папата Франциск
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да одржи билатерална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на самитот на Групата седум (Г7) во Канада, потврдија претставници на Белата куќа, пренесе украинскиот „Киев пост“.

Канада, која претседава со Г7 во 2025 година, го покани Зеленски да учествува на тридневниот самит, кој ќе го одбележи четвртиот самит на лидерите на Г7 од почетокот на руската инвазија на Украина.
Последната средба на Зеленски и Трамп се одржа во април во Ватикан, пред погребната церемонија на папата Франциск. Средбата во базиликата „Свети Петар“ траеше 15-ина минути. Тоа беше нивна прва директна средба по бурниот состанок во Овалната соба во февруари годинава кога жестоко се судрија околу американската помош за Украина и пристапот кон војната со Русија.