Телефонскиот разговор меѓу американскиот и рускиот претседател доаѓа пред договорената средба на Трамп со Володимир Зеленски што ќе се одржи утре во Вашингтон
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека за време на денешниот телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, е договорено наскоро да се сретнат во Будимпешта за, како што рече, да видат дали може да се заврши неславната војна меѓу Москва и Киев.

Телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин доаѓа пред договорената средба на американскиот претседател со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, што ќе се одржи утре во Вашингтон.
„Зеленски и јас ќе се сретнеме утре во Овалната соба. Ќе зборуваме за мојот разговор со претседателот Путин и за многу повеќе. Верувам дека е постигнат голем напредок со денешниот телефонски разговор“,
објави Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Пред средбата со Путин во Будимпешта, како што посочи Трамп, средба ќе одржат нивните советници на високо ниво. Локацијата на состанокот ќе биде одредена дополнително.
„Потоа, претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорена локација, Будимпешта, Унгарија, за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа неславна војна меѓу Русија и Украина“,
пишува претседателот на САД.
Во текот на денешниот телефонски разговор, Путин му честитал на својот американски колега за постигнувањето мир на Блискиот Исток, а Трамп изразил очекување дека овој успех ќе помогне во напорите да се постигне крај и на војната помеѓу Русија и Украина.