Трамп најавата за средбата ја објави на својата социјална мрежа Трут Соушал (Truth Social) по телефонскиот разговор со Си, велејќи дека ќе патува во Кина на почетокот на следната година и дека очекува Си да го посети и него

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека ќе се сретне со кинескиот претседател Си Ѓинпинг оваа есен на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.
Трамп најавата за средбата ја објави на својата социјална мрежа Трут Соушал (Truth Social) по телефонскиот разговор со Си, велејќи дека ќе патува во Кина на почетокот на следната година и дека очекува Си да го посети и него.
„Тукушто завршив многу продуктивен состанок со Си од Кина. Постигнавме напредок по многу важни прашања, вклучувајќи ја трговијата, фентанилот и завршувањето на војната меѓу Русија и Украина, како и одобрувањето на договорот за ТикТок. Исто така, се согласив со претседателот Си дека ќе се сретнеме на самитот на АПЕК во Јужна Кореја, дека ќе одам во Кина на почетокот на следната година и дека претседателот Си ќе дојде и во САД во соодветно време“,
пишува тој.
Спорот околу царините меѓу САД и Кина кулминираше во април кога двете земји се заканија дека ќе воведат царини од повеќе од 100 проценти за стоките една на друга.
Во август, Трамп потпиша извршна наредба со која паузата се продолжува до 10 ноември. Пекинг, исто така, најави продолжување.