Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објавија дека оваа спогодба ќе има влијание врз речиси една третина од светската трговија. Договорот доаѓа по долготрајни и напнати преговори и ја спречи ескалацијата на трговска војна помеѓу двата стратешки партнери
Договорот што го постигнаа претседателот Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одредува компромисна тарифа од 15 отсто на сите стоки од Европската Унија што се увезуваат во САД, што е значително пониско од првично најавените 30 отсто царини со кои закануваше Трамп доколку не се стаса до спогодба до 1 август.
Европската Унија притоа се обврзува на набавки на американски енергенси и воена опрема во вредност од најмалку 750 милијарди долари, истовремено предвидувајќи нови инвестиции во САД во износ над 600 милијарди долари.
Во рамки на договорот, ЕУ нема да воведе дополнителни тарифи за американски стоки, што двете страни го оценија како чекор кон стабилност и предвидливост за компаниите на двата континента. Новите царински мерки ги опфаќаат сите производи освен фармацевтските, кои остануваат изземени од новиот трговски режим.

Трамп го опиша договорот како победа за „фер и балансирана трговија меѓу партнерски економии“, додавајќи дека ако има договор тоа ќе биде крајот на трговските спорови за наредните неколку години. Тој инсистираше дека европските пазари ќе треба да бидат поотворени за американски производи.
Фон дер Лајен ја опиша средбата со Трамп како „жестока, но продуктивна“, нагласувајќи дека приоритет на ЕУ останува како да се воспостави „праведност и повторно балансирање“ на меѓусебните трговски односи.
Договорот доаѓа откако ЕУ во последниве месеци се подготвуваше за можна трговска војна, имајќи подготвено контрамерки за 93 милијарди евра вредни американски производи, доколку САД воведат најавените казнени тарифи. Иако европската страна се надеваше на „нула за нула“ царински режим, новата рамка сепак се смета за придобивка во споредба со тарифите со кои се закануваше Трамп.
Обете страни се согласија дека договорот е прифатлив и неопходен компромис, а за европските и за американските компании тој носи барем краткорочна стабилност и можност за планирање на идни бизнис-потези.
Се очекува Европскиот парламент и Конгресот на САД да го ратификуваат договорот во наредните недели. Стручњаците предупредуваат дека, иако ова ќе ги намали непосредните трговски ризици, долгорочните разлики и натаму остануваат и ќе мора да се решаваат преку идни рунди преговори.