На една недела по изборниот ден, и два дена откако е извесно дека Џо Бајден го победи на изборите, актуелниот американски претседател Доналд Трамп го разреши Марк Еспер од функцијата секретар за одбрана.
Трамп на Твитер објави дека директорот на Националниот центар за антитероризам Кристофер Милер, ќе биде нов секретар за одбрана.
Претседателот на САД му се заблагодари на Еспер за досегашната работа.
Милер, пак, како што пренесоа американските медиуми, околу еден час по „твитот“ на Трамп, пристигнал на новото работно место, во зградата на Пентагон.
Засега не се соопштени причините за смената на Еспер, но американските медиуми веќе некој период посочуваат дека не бил во добри односи со Трамп, а посебно не му се допаѓало што претседателот на САД често упатувал критики за НАТО.
Друга причина за несогласувањата меѓу Еспер и Трамп, избувна и летово за време на протестите по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Според пишувањата на медиумите, Еспер тогаш се спротивставувал на идејата на претседателот да ја употреби војската за задушување на протестите.
„Ројтерс“ пишува и дека ова не е изненадување за Еспер кој бил предупреден од началникот на Генералштабот Марк Медос дека Трамп може да го отпушти преку Твитер.
И претходно, сега веќе бившиот секретар за одбрана се подготвувал да даде оставка или да биде разрешен особено во неделата по изборите, наведува „Ројтерс“.