Последниот напад на Трамп врз Зеленски доаѓа еден ден откако украинскиот претседател ја отфрли можноста за признавање на Крим како руска територија, како дел од потенцијалниот мировен план
Според американскиот претседател, Крим е изгубен пред повеќе години и оти веќе „не е ни точка за дискусија“
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го обвини украинскиот лидер Володимир Зеленски дека со изјавите дека Киев нема да ја признае руската окупација на Крим само го прави потежок патот за постигнување мировен договор.

„Оваа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија“,
напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social).
Според американскиот претседател, Крим е изгубен пред повеќе години и веќе „не е ни точка за дискусија“.
„Никој не бара од Зеленски да го признае Крим како руска територија, но, ако тој го сака Крим, зошто не се бореа за него пред единаесет години кога ѝ беше предаден на Русија без ниту еден истрел?“,
вели Трамп.
Последниот напад на Доналд Трамп врз Зеленски доаѓа еден ден откако украинскиот претседател ја отфрли можноста за признавање на Крим како руска територија како дел од потенцијалниот мировен план.
Зеленски, за време на брифингот во Киев во вторникот, рече дека Украина нема законски да ја признае руската окупација на Крим под никакви околности.
„Нема ништо ново за спомнување или дискутирање. Украина нема да ја признае окупацијата на Крим“,
изјави вчера Зеленски.
Американскиот претседател неговите изјави денеска ги оцени како запаливи и штетни за напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина, наведувајќи дека Зеленски „нема карти за игра“.
Трамп повтори дека со нетрпение очекува да им помогне на Украина и на Русија да излезат од хаосот, кој, како што наведува, никогаш не би се случил доколку тој бил претседател кога избувна војната меѓу двете земји.
Американскиот претседател ја опиша ситуацијата во Украина како „страшна“, посочувајќи дека Зеленски може да избира меѓу мир или да се бори уште пред да ја загуби целата земја.
„Тој нема со што да се пофали!“,
додава Трамп во објавата.

Од друга страна, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека украинската делегација одржала „продуктивни“ разговори со американскиот пратеник Кит Келог денеска во Лондон.
„Разговаравме за нашата конзистентна позиција во однос на прекинот на огнот, како и за безбедносните гаранции. Од моја страна, верувам дека средбата беше многу продуктивна и успешна“,
изјавил Умеров, пренесе „Гардијан“.
Во одделен коментар, министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, рекол дека дека за време на неговиот состанок со Келог се случила „конструктивна размена на мислења за патот кон мирот“.
„Украина сака војната да заврши повеќе од кој било друг во светот. Посветени сме да работиме заедно за да ја постигнеме оваа цел“,
рекол тој.
Во меѓувреме, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ги повика Украина и Русија да го прифатат мировниот предлог на САД. Во спротивно, тој се закани дека Вашингтон ќе ги напушти преговорите доколку предлогот не биде прифатен.
Венс, кој е во посета на Индија, денеска изјави дека ќе мора да има „некои размени на територии“ за да се постигне договор.
„Дадовме многу експлицитен предлог и до Русите и до Украинците, и време е тие или да кажат ‘да’ или САД да се тргнат од овој процес. Единствениот начин навистина да се запре убивањето е двете армии да го спуштат оружјето, да му стават крај на ова и да продолжат да градат подобра Русија и подобра Украина“,
изјави американскиот потпретседател.