Коментарот на американскиот претседател уследи по одржувањето на големата воена парада во Пекинг по повод Денот на победата на која присуствуваа 26 шефа на држави, вклучувајќи ги Владимир Путин и Ким Џонг ун
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини својот кинески колега Си Ѓинпинг дека прави заговор против САД со лидерите на Русија и Северна Кореја.

Коментарот на Трамп уследи по одржувањето на големата воена парада во Пекинг по повод Денот на победата на која присуствуваа 26 шефа на држави, вклучувајќи ги Владимир Путин и Ким Џонг ун.
Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп напиша:
„Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг ун додека заговарате против Соединетите Американски Држави.“
Во контекст на воената парада во Пекинг по повод 80-годишнината од предавањето на Јапонија во Втората светска војна, Трамп ја споменува и „големата количина поддршка и крв“ што САД ѝ ја дале на Кина за време на војната.
„Големото прашање на кое треба да се одговори е дали претседателот Си Ѓинпинг ќе ја спомене огромната поддршка и крв што САД ѝ ја дадоа на Кина за да ѝ помогнат да ја обезбеди својата слобода. Многу Американци загинаа во кинеската потрага по победа и слава. Се надевам дека со право ќе бидат почитувани и запаметени за нивната храброст и жртва!“,
додава Трамп во објавата на Трут соушл.