Претходно, францускиот претседател Емануел Маркон изјави дека Трамп дал понуда за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, но во објава на неговата социјална мрежа Трут соушл американскиот претседател ги негираше ваквите наводи велејќи дека Макрон го кажал тоа за да привлече публицитет
Американскиот претседател Доналд Трамп го напушти самитот на лидерите на земјите од Г7 што се одржува во Канада, а на кој тема се повеќе прашања поврзани со ситуацијата во светот.

Светските агенции објавија фотографии од Трамп како се качува во претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One) и заминува од одморалиштето на Карпестите Планини во близина на Калгари.
Дека американскиот претседател ќе замине порано од самитот на Г7 претходно во објава на социјалните мрежи соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Претходно, францускиот претседател Емануел Маркон изјави дека Трамп дал понуда за прекин на огнот меѓу Израел и Иран.
Но, во објава на неговата социјалната мрежа Трут соушл (Truth Social) американскиот претседател утрово, според средноевропско време, ги негираше тврдењата на неговиот француски колега дека заминал за да работи на прекин на огнот меѓу Израел и Иран, додавајќи дека причината за напуштањето на самитот е многу поголема.
Трамп во објавата наведува дека францускиот претседател ја дал изјавата за да привлече публицитет.
„Барајќи публицитет претседателот на Франција, Емануел Макрон погрешно наведува дека сум го напуштил самитот на Г7 во Канада за да се вратам во Вашингтон за да работам на ‘прекин на огнот’ меѓу Израел и Иран. Грешка! Тој нема поим зошто сега сум на пат кон Вашингтон, но тоа сигурно нема никаква врска со прекин на огнот. Многу поголемо е од тоа. Намерно или не, Емануел секогаш сфаќа погрешно“,
напиша Трамп на Трут соушл.

Вчера американскиот претседател изјави дека сите жители на Техеран треба веднаш да се евакуираат. Неговата изјава дојде неколку часа откако Израел ги повика на евакуација жителите на поголемиот дел од Техеран.
„Иран требаше да го потпише ‘договорот’ што реков да го потпишат. Каква срамота и губење човечки живот. Едноставно кажано, Иран не може да има нуклеарно оружје. Го повторував постојано! Сите треба веднаш да се евакуираат од Техеран!“,
рече американскиот претседател во објава на неговата платформа.
Инаку, САД и Иран беа среде преговори за нуклеарната програма на Техеран кога Израел ги започна нападите на земјата во петокот.
Неколку часа пред коментарите на Трамп, израелските сили издадоа наредба за евакуација на жителите на голем дел од Техеран, предупредувајќи ги за претстојното бомбардирање на „воената инфраструктура“ во областа.
Размената на оган меѓу Израел и Иран продолжи и во текот на изминатата ноќ.
Израелската војска соопшти дека уште еден бран ракетни напади бил покренат од Иран издавајќи наредба Израелците да најдат засолниште, пренесе „Гардијан“.
Израелскиот весник „Хаарец“ објави дека неколку експлозии утрово се слушнале во Ерусалим и дека службите за итни случаи на земјата известиле за удари во централниот дел на Израел.

Претходно, израелската војска соопшти дека во текот на ноќта уништила десетици складишта и објекти за лансирање ракети земја-земја, како и лансирни постројки за ракети земја-воздух“ во западен Иран.
„Борбени авиони на воздухопловните сили извршија неколку бранови напади синоќа, таргетирајќи десетици воени цели на иранскиот режим во западен Иран“,
соопшти израелската војска на социјалните мрежи.