Според него, Кимел не е смешен, нема талент за тоа што го работи, има лош рејтинг и воедно е продолжена рака на демократите
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикува враќањето на водителот Џими Кимел на телевизиската мрежа Еј-би-си откако неговата емисија беше суспендирана поради коментарите што ги даде за смртта на политичкиот активист Чарли Кирк.
Најави и тужба против Еј-би-си и ја нарече телевизија што шири лажни вести.

„Не можам да верувам дека Еј-би-си фејк њуз го врати Џими Кимел. На Белата куќа ѝ беше кажано дека неговата емисија е откажана. Нешто се случило во меѓувреме“,
напиша Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушл.
Според него, Кимел не е смешен, нема талент за тоа што го работи и има лош рејтинг.
„Мислам дека ќе го тестираме Еј-би-си по ова прашање. Ќе видиме како ќе заврши. Последен пат кога ги тужев, ми дадоа 16 милиони долари. Овој пат звучи уште попрофитабилно“,
рече тој.
Го обвини водителот на вечерното шоу дека е продолжена рака на демократите, што, според него, е нелегален придонес во кампањата.
Во 2024 година Еј-би-си њуз се согласи да му плати на Трамп 15 милиони долари за тужба за клевета поради изјава на нивниот истакнат водител Џорџ Стефанопулос дека Трамп е одговорен за силување.
Од Дизни пред два дена соопштија дека Џими Кимел се враќа на телевизиските екрани откако неговата емисија беше суспендирана поради коментарите што ги даде за смртта на Чарли Кирк.
Кимел, чест критичар на Трамп, беше нападнат поради изјавата во епизодата емитувана на 14 септември, во која тој сугерираше дека осомничениот за убиството на Чарли Кирк, Тајлер Робинсон, е поддржувач на Доналд Трамп.
Водителот ја искористи и можноста да се потсмева на реакцијата на Доналд Трамп на смртта на Кирк. Тој прикажа клип во кој претседателот, кога го прашале како се справува со трагичниот настан, зборува за реновирањето на Белата куќа.
Потоа, Трамп го поздрави прекинувањето на емисијата на Кимел како одлична вест за Америка и повика да се отстранат и други ТВ-водители што често го исмеваат во своите емисии.