Водењето на Стејт департментот на САД е огромна одговорност и јас сум почестен од довербата што ми ја даде претседателот Трамп, порача Рубио во неговата изјава дадена по номинацијата
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го номинираше републиканскиот сенатор од Флорида, Марко Рубио, за државен секретар во неговата идна администрација.
Рубио некогаш беше критичар на Трамп, но еволуираше во еден од неговите најжестоки бранители. Сега тој треба да стане министер за надворешни работи на САД.
Овој познат конзервативен сенатор има тврди ставови во поглед на Кина, Куба и Иран, а летово беше во блискиот круг за копретседател на Трамп. Во таа битка, писателот Џеј Ди Венс од Охајо излезе како победник.
На Капитол Хил, Рубио е потпретседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот на САД. Тој е и член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот.
Тој е еден од сенаторите кои бараат поостар однос кон Кина и кои ја таргетираат социјалната мрежа Тик Ток, бидејќи е во сопственост на компанија од Кина.
Рубио и другите сенатори – и републиканци и демократи – веруваат дека Пекинг, со оглед на неговата кинеска сопственост, може да побара и да добие податоци за корисниците на Тик Ток од компанијата кога ќе посака.
„Тој ќе биде силен застапник за интересите на нашата нација, вистински пријател на нашите сојузници и бестрашен воин кој никогаш не отстапува од нашите противници“,
рече Трамп за Марко Рубио во изјавата со која го објави неговиот избор за државен секретар.
Трамп ова го соопшти при враќањето во родната Флорида од Вашингтон каде што се сретна со американскиот претседател Џозеф Бајден и разговараше со него за предавање на власта.
Водењето на Стејт департментот на САД е огромна одговорност и јас сум почестен од довербата што ми ја даде претседателот Трамп, порача Рубио во неговата изјава дадена по номинацијата.
„Како државен секретар ќе работам секој ден на извршување на неговата надворешно-политичка агенда. Под водство на претседателот Трамп, ќе го испорачаме мирот преку сила и секогаш ќе ги ставаме интересите на Американците и Америка над се друго. Со нетрпение очекувам да ја добијам поддршката од моите колеги во Сенатот на САД за претседателот да го има својот тим за национална безбедност и надворешна политика кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари“,
изјави Рубио.