Белата куќа соопшти дека Трамп ќе се сретне со Шара за време на неговата посета на Саудиска Арабија, сугерирајќи дека средбата меѓу американскиот претседател и поранешниот командант на Ал Каеда, кој помина пет години во американски затвор во Ирак, ќе се одржи в среда

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека ќе нареди укинување на санкциите против Сирија на барање на саудискиот престолонаследник, што е огромен поттик за привремениот сириски претседател Ахмед ал Шара и неговите напори за стабилизирање на земјата разурната од војна.
Трамп го објави тоа за време на регионалната турнеја што ја започна во Саудиска Арабија. Белата куќа соопшти дека Трамп ќе се сретне со Шара за време на неговата посета на Саудиска Арабија, сугерирајќи дека средбата меѓу американскиот претседател и поранешниот командант на Ал Каеда, кој помина пет години во американски затвор во Ирак, ќе се одржи в среда.
Два извора во сириското претседателство изјавија дека Шара ќе отпатува во Ријад за да се сретне со Трамп.
САД воведоа строги санкции против Сирија за време на владеењето на Башар ал Асад и ги одржуваат на сила откако Асад беше соборен од власт во декември по повеќе од 13 години војна.
Саудиска Арабија ги предводеше повиците за укинување на санкциите.
Трамп рече дека ќе ги укине сите санкции врз Сирија, објаснувајќи дека тие имале важна функција, но дека сега е време Сирија да продолжи напред.
„Ќе наредам укинување на санкциите врз Сирија за да им дадам шанса да успеат. Време е да блеснат. Ги укинуваме сите. Среќно, Сирија, покажи ни нешто многу посебно“,
рече Трамп на инвестициски форум во Ријад.
Со години Шара го водеше официјалното крило на Ал Каеда во сирискиот конфликт пред да ги прекине врските со глобалната џихадистичка мрежа во 2016 година.
Хајат Тахрир ал Шам, групата што ја водеше Шара и формално ја распушти во јануари, беше прогласена за терористичка организација од САД и ОН.