Врховниот суд на САД во ноември треба да ги сослуша аргументите за тоа дали Трамп имал овластување да воведе царини според законот за итни случаи од 1977 година
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги суспендира трговските преговори со Канада поради реклама против царини на владата во Онтарио, во која се прикажани коментари од 1987 година од поранешниот републикански претседател Роналд Реган.

„Фондацијата ‘Роналд Реган’ штотуку објави дека Канада измамнички користела реклама, која е лажна, во која Роналд Реган зборува негативно за царините. Тие го направија ова само за да се мешаат во одлуката на Врховниот суд на САД и другите судови. Царините се многу важни за националната безбедност и економијата на САД. Врз основа на нивното нечуено однесување, сите трговски преговори со Канада се откажуваат“,
рече Трамп во објава на неговата платформа Трут сошал припишувајќи ја кампањата на канадската влада наместо на онаа на провинцијата Онтарио, пренесе ДПА.
Врховниот суд на САД во ноември треба да ги сослуша аргументите за тоа дали Трамп имал овластување да воведе царини според законот за итни случаи од 1977 година.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, ја објави кампањата претходно во октомври. Во тоа време тој рече дека канадската провинција ќе потроши 75 милиони канадски долари (53,5 милиони американски долари) за прикажување реклами во САД, во кои се прикажани извадоци од радио-обраќањето на Реган од 1987 година, кое ги истакнува замките на царините.
Претходно оваа недела Форд им рече на новинарите дека слушнал оти претседателот ја видел нивната реклама.
„Сигурен сум дека не бил премногу среќен. Тоа е реално, затоа што доаѓаше од најдобриот претседател што земјата некогаш го видела, Роналд Реган“,
изјави Форд.
Реган, кој беше претседател на САД од 1981 до 1989 година и почина во 2004 година, е високоценет во Републиканската партија на Трамп.
