„Ќе ја известиме Канада за царината што ќе ја плаќа за да соработува со Соединетите Американски Држави во следните седум дена“, вели Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги прекинува сите трговски преговори со Канада, откако бил информиран дека земјата планира да воведе данок на дигитални услуги за американските технолошки компании.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, Трамп го нарече данокот „директен и очигледен напад“ врз САД, обвинувајќи ја Канада и за високите царини од 400 отсто на американските млечни производи.
„Бевме информирани дека Канада, земја со која е многу тешко да се тргува, вклучувајќи го и фактот дека со години им наплаќаат на нашите земјоделци царини од 400 отсто за млечни производи, штотуку објави дека воведува данок на дигитални услуги на нашите американски технолошки компании, што е директен и очигледен напад врз нашата земја. Тие очигледно ја копираат Европската Унија, која го направи истото и во моментов е во дискусија со нас. Врз основа на овој скандалозен данок, со ова ги прекинуваме сите трговски дискусии со Канада, со што ќе стапи на сила веднаш. Ќе ја известиме Канада за царината што ќе ја плаќа за да соработува со Соединетите Американски Држави во следните седум дена“,
пишува Трамп.
Претходно, американскиот претседател Трамп се закани дека ќе воведе царини од 50 отсто за сите стоки од Европската Унија, кои треба да стапат во сила од 9 јули доколку во меѓувреме двете страни не постигнат договор.
Инаку, најголем дел од производите од ЕУ веќе се соочуваат со царини од 10 отсто, давачките за автомобили и делови за автомобили се 25 отсто, а за челик и алуминиум е 50 отсто.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската Унија (ЕУ) е подготвена за трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп во врска со тарифите, но и понатаму „сите опции остануваат на маса“ додавајќи дека го анализира најновиот преговарачки документ на Соединетите Американски Држави што вчера стигнал во Брисел.