Трамп додава дека во разговорот со Шејнбаум таа се согласила веднаш да обезбеди 10 илјади мексикански војници на границата што ги дели Мексико и САД
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се согласил „веднаш да ги паузира“ царините за Мексико на еден месец по „многу пријателскиот“ разговор со претседателката на земјата, Клаудија Шејнбаум.
Доналд Трамп информацијата ја потврди со објава на неговата платформа „Трут сошал“.
„Се договоривме веднаш да ги паузираме предложените тарифи за период од еден месец, во текот на кој ќе имаме преговори водени од државниот секретар Марко Рубио, секретарот за финансии Скот Бесент и министерот за трговија Хауард Лутник и претставници на високо ниво на Мексико“,
пишува тој.
Трамп додава дека во разговорот со Шејнбаум таа се согласила веднаш да обезбеди 10 илјади мексикански војници на границата што ги дели Мексико и Соединетите Американски Држави.
„Овие војници ќе бидат специјално назначени да го запрат протокот на фентанил и илегални мигранти во нашата земја“,
напиша тој.
Шејнбаум, исто така, објави на социјалните мрежи за паузата, велејќи дека таа и Трамп постигнале договори за безбедност и трговија.
„Мексико веднаш ќе ја зајакне границата со 10 илјади членови на својата Национална гарда, додека САД се обврзаа да работат на спречување на трговијата со оружје со голема моќност во Мексико“,
рече Шејнбаум.
Sostuvimos una buena conversación con el presidente Trump con mucho respeto a nuestra relación y la soberanía; llegamos a una serie de acuerdos:
— Claudia Sheinbaum Pardo (@Claudiashein) February 3, 2025
1.México reforzará la frontera norte con 10 mil elementos de la Guardia Nacional de forma inmediata, para evitar el tráfico de drogas…
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум на прес-конференција запрашана за моменталната неизвесност околу потенцијалните идни царини, рече дека „паузата донесе сигурност“ и дека е уверена оти следните состаноци ќе доведат до повеќе долгорочни резултати.
„Сигурна сум дека состаноците на високо ниво меѓу мексиканската и американската влада за безбедноста, миграцијата и трговијата ќе помогнат многу. Добро е што почнавме да работиме во овие области. Имаме овој месец да работиме и да се увериме дека ова е најдобриот пат“,
вели таа.
Од Белата куќа во саботата информираа дека администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп воведува царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико и 10 отсто за стоки од Кина.
Трамп претходно се закани дека ќе воведе царини кон овие земји за да ги принуди на поголема соработка во спречувањето на илегалната миграција и шверцот на хемикалии што се користат за производство на фентанил (моќен синтетички опијат).