Ниту поразот на изборите, кои и натаму ги смета за нелегитимни, ниту неуспехот низ судски постапки да изнесе релевантни докази со кои би бил оспорен изборниот резултат, не го поколебаа Доналд Трамп. Тој продолжува да води лична битка за челната позиција во САД.
Денеска најави дека ќе организира голем протест во Вашингтон на 6 јануари во 11 часот претпладне, но без да ја нагласи точната локација на која ќе треба да дојдат неговите приврзаници.
Истиот ден за кога тој ги мобилизира своите симпатизери да му се придружат во демонстрациите кои, според него, ќе треба да ја „спречат кражбата“, се одржува и заедничката седница на двата дома на американскиот Конгрес на која ќе треба да биде донесена конечната одлука околу исходот на изборите.
Иако таа последна инстанца досега важеше за формална, на која само се потврдуваа резултатите од електорите, неколкумина членови на Претставничкиот дом и на Сенатот најавија дека ќе се спротистават на таквата одлука.
Сепак, за да дојде до промена на резултатот потребно е и двата дома на Когресот да го прифатат тоа, што е речиси невозможна мисија, бидејќи демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом, а во Сенатот иако доминира спротивниот табор, неколкумина сенатори од Републиканската партија веќе го признаа изборот на Бајден за нов американски претседател.