Ваквата промена на ставовите на Трамп во врска со украинската победа доаѓа неколку дена по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изрази скептицизам во врска со можноста Украина да ги врати своите територии што во војната ги освои Русија, пренесува „Гардијан“.

„Тие сè уште можат да ги освојат. Но, не мислам дека ќе ги освојат. Никогаш не реков дека ќе ги освојат. Сè може да се случи. Знаете, војната е многу чудна работа“,
рече Трамп на средбата со австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Скептицизмот на Трамп во врска со украинската победа доаѓа неколку дена по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
Во таа прилика, Трамп изгледаше понаклонет да преговара за мировен договор отколку да ја снабдува Украина со крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел.
Трамп им порача на Украина и Русија веднаш да ја прекинат војната.
Сепак, ова е уште една промена во ставот на Трамп во врска со шансите на Украина во војната.
Уште во септември, Трамп изрази верување дека Украина може да ги врати сите територии заземени од Русија.
За време на претседателската кампања во 2024 година, но и од почетокот на неговото претседателствување, Трамп рече дека Украина ќе мора да се откаже од териториите што Русија ѝ ги украде за да ја запре војната.