Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, порача дека американскиот претседател ја добил наградата за неговите исклучителни дејствија во промовирањето на мирот и единството низ целиот свет
Американскиот претседател Доналд Трамп стана првата личност што ја доби новововедената Награда за мир на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Наградата му ја врачи претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за време на церемонијата во Вашингтон за извлекување на ждрепката за групната фаза на 23. Светско првенство во фудбал кое ќе се одржи следната година.
Инфантино порача дека Трамп ја добил наградата за неговите исклучителни дејствија во промовирањето на мирот и единството низ целиот свет, а Трамп рече дека донел мир во многу земји во светот, посредувал во примирја и иницирал дипломатски процеси. Рече дека запрел осум војни, вклучително и една помеѓу Косово и Србија.
„Ова е навистина една од најголемите почести во мојот живот. Спасивме милиони животи. На пример, во Конго – повеќе од 10 милиони беа мртви, а многу брзо се движеа кон уште 10 милиони. Исто и со Индија и Пакистан. Ги запревме војните, во некои случаи и пред да започнат. Светот сега е побезбедно место. САД не беа во толку добра ситуација пред една година“,
рече Трамп откако ја прими наградата.
ФИФА минатиот месец објави дека ќе додели годишна награда за да им оддаде признание на луѓето кои носат надеж за новите генерации.
Трамп постојано повторува дека заслужува Нобелова награда за мир за неговата улога во завршувањето на осум конфликти оваа година, вклучително и посредувањето за прекин на огнот во Газа. Сепак, овогодишната Нобелова награда за мир ѝ припадна на лидерката на венецуелската опозиција, Марина Корина Мачадо.
