Трамп, неколку часа по неговата инаугурација во понеделникот, издаде извршна наредба за 75 дена да биде одложено спроведувањето на законот кој бара Тик-ток да биде забранет во САД, за да се обиде да најде решение

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за можноста милијардерот Илон Маск да ја купи апликацијата за социјални медиуми Тик-ток доколку извршниот директор на Тесла сака да го стори тоа.
Трамп, неколку часа по неговата инаугурација во понеделникот, издаде извршна наредба за 75 дена да биде одложено спроведувањето на законот кој бара Тик-ток да биде забранет во САД, за да се обиде да најде решение.
Тој, исто така, предложи субјектот што го купува Тик-ток да даде половина од својот капитал на САД во замена за лиценца.
Тик-ток за време на викендот беше привремено забранета за корисниците пред Трамп да го потпише одложувањето.
Трамп, кој за време на неговиот прв мандат сакаше да го забрани Тик-ток во име на националната безбедност, сега има поинаква перспектива.
„Има толку многу производи произведени во Кина, а единствениот на кој се жалат е Тик-ток“,
рече завчера Доналд Трамп
Новиот американски претседател предложи „Бајтденс“ (ByteDance) да им даде на САД 50 отсто од капиталот на Тик-ток во замена за непримена на законот.
„Можеби ни треба согласност од Кина, но сигурен сум дека тие би ја дале“,
вели Трамп во одговор на новинарско прашање.
На прашањето за визијата на Трамп за иднината на Тик-ток, од кинеското Министерство за надворешни работи рекле дека за работењето и стекнувањето компании треба да одлучат од компаниите и во согласност со кинескиот закон, пренесува Си-ен-ен.
„САД треба искрено да го слушаат гласот на разумот и да обезбедат отворена, фер, праведна и недискриминаторска деловна средина за компаниите од сите земји“,
ја пренесува Си-ен-ен изјавата на портпаролот Гуо Џиакун.
Пред една недела Тик-ток ги отфрли како „чиста фикција“ тврдењата дека кинеската влада размислува да ја продаде платформата на милијардерот Илон Маск за да избегне забрана во САД.
„Блумберг“ претходно објави дека кинеските власти се во прелиминарни разговори за потенцијална продажба за да се избегне забраната што треба да стапи во сила доколку кинескиот сопственик „Бајт денс“ (ByteDance) не го продаде својот бизнис во САД до 19 јануари.
Законот за забрана на Тик-ток беше усвоен со големо двопартиско мнозинство во Конгресот минатата година и беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден.
Сега Врховниот суд заклучи дека законот не го прекршува првиот амандман од американскиот устав, кој ја штити слободата на говорот.
