Во телефонски разговор со семејствата на израелските заложници кои сè уште ги држи Хамас во Газа, Трамп рече дека нивните најблиски ќе бидат ослободени во понеделник
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека постои можност да го посети Блискиот Исток во текот на претстојниот викенд и дека е многу блиску до договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

Тој им изјави на новинарите во Белата куќа дека преговорите напредуваат добро и дека постои голема шанса да се постигне договор за прекин на војната во Појасот Газа врз основа на неговиот план.
Трамп нагласи дека постои можност да го посети Блискиот Исток во недела бидејќи, според него, преговарачите работат многу добро.
„Имаме одличен преговарачки тим таму, но за жал и другата страна има одлични преговарачи. Но, мислам дека тоа (прекинот на огнот) е нешто што ќе се случи, има голема шанса да се случи“,
рече Трамп.
Тој повтори дека арапскиот и муслиманскиот свет го поддржуваат неговиот план.
„Нашите последни преговори се со Хамас. И се чини дека одат добро. Ако е така, веројатно заминувам во недела, можеби во сабота“,
рече американскиот претседател.
Во телефонски разговор со семејствата на израелските заложници кои сè уште ги држи Хамас во Газа, Трамп рече дека нивните најблиски ќе бидат ослободени во понеделник.
„Господине претседателе, ние веруваме во вас. Знаеме колку многу направивте за нас откако станавте претседател, па дури и пред тоа. Веруваме дека ќе ја завршите мисијата сè додека сите 48 заложници не бидат вратени дома“,
рече еден член на семејството, додека другите се заблагодаруваа и скандираа: „Бог да ве благослови, господине претседателе! Бог да ја благослови Америка!“
Трамп мирно одговори:
„Само грижете се за себе. Заложниците ќе се вратат. Сите ќе се вратат – во понеделник.“