Претседателот на САД ова го кажа во контекст на изјавата на неговиот специјален претставник за гранична контрола, Том Хоман, кој се закани дека ќе уапси секој што ќе им се спротивстави на имиграциските власти – вклучително и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека би го поддржал апсењето на гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, поради евентуално попречување на мерките за спроведување на имиграциските закони.

Претседателот на САД ова го кажа во контекст на изјавата на неговиот специјален претставник за гранична контрола, Том Хоман, кој се закани дека ќе уапси секој што ќе им се спротивстави на имиграциските власти – вклучително и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас. Двајцата остро го критикуваа распоредувањето на Националната гарда во градот.
„Да сум на местото на Том, ќе го направев тоа. Мислам дека би било одлично. Гавин сака внимание, но ова би било одлично“,
рече Трамп во изјава од Белата куќа.
Гавин Њусом, кој е член на Демократската партија, како одговор на индикацијата на Трамп дека ќе предложи негово апсење, рече дека тоа е денот за кој се надева дека никогаш нема да го види во Соединетите Држави.
„Претседателот на САД штотуку побара апсење на сегашниот гувернер. Ова е ден за кој се надевав дека никогаш нема да го видам во Америка. Не ме интересира дали сте демократ или републиканец, ова е линија што ние како нација не смееме да ја преминеме – ова е непогрешлив чекор кон авторитаризам“,
рече Њусом во објава на Икс.
По наредба на Трамп, од неделата припадници на Националната гарда се распоредени во Лос Анџелес поради немирите и протестите против масовните апсења на илегални мигранти извршени од Имиграциската и царинска администрација на САД.