Двајцата претседатели последен пат се сретнаа на 15 август во Алјаска, а таа средба беше опишана како продуктивен чекор кон постигнување мир
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин сè додека не се постигне конкретен мировен договор меѓу Русија и Украина.
Таквото решение треба да ја заврши војната, која во февруари следната година ќе влезе во својата петта година.

Иако претходно беше најавено дека Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта за да разговараат за мировен договор, таа средба не се одржа.
„Ќе морам да знам дека ќе постигнеме договор. Нема да губам време“,
им рече Трамп на новинарите на авионот „Ер форс уан“ за време на патувањето во Азија.
И покрај сè, Трамп го нагласи својот претходен однос со рускиот лидер.
„Секогаш сум имал одличен однос со Владимир Путин, но ова беше многу разочарувачки“,
кажа тој.
Двајцата претседатели последен пат се сретнаа на 15 август во Алјаска, а таа средба беше опишана како продуктивен чекор кон постигнување мир.
Во меѓувреме, ситуацијата на терен не покажува знаци на смирување. Во главниот град Киев две лица беа убиени, а 13 беа ранети во напад со балистичка ракета. Во регионот Днепропетровск две лица беа убиени, седум беа ранети, а оштетени се станбени згради и приватни куќи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да ги прошират санкциите на целиот руски нафтен сектор и побара ракети со долг дострел за одмазднички напади.
Зеленски беше во Лондон на разговори со европските лидери кои ветија воена помош за заштита на неговата земја од идна руска агресија.
Администрацијата на Трамп денеска објави дека подготвила пакет дополнителни санкции насочени кон клучните сектори на руската економија, кои е подготвена да ги активира доколку Владимир Путин продолжи да го одложува крајот на војната во Украина.
Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, вчера изјави дека верува оти неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение.
