Федералната влада делумно се затвори завчера откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирање, а само основните услуги беа дозволени да продолжат
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека федералните работници би можеле да бидат отпуштени, а проектите би можеле да бидат намалени ако продолжи блокадата на владата, а исто така објави дека почнуваат да пристигнуваат приходи од царини од кои Американците би можеле да добијат поврат на средства.

„Може да има отпуштања, а тоа е нивна вина. Можеби ќе ги скратуваме проектите што тие ги сакаа, нивните омилени проекти, кои би биле трајно намалени“,
рече Трамп, осврнувајќи се на демократите во Конгресот, коментирајќи го неодамнешниот меморандум од Канцеларијата за управување и буџет до телевизиската мрежа ОАН во кое се споменува можноста за отпуштања.
Тој додаде дека му е дозволено да скрати работи што никогаш не требало да бидат одобрени и веројатно ќе го направи тоа.
Федералната влада делумно се затвори завчера откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирање, а само основните услуги беа дозволени да продолжат.
Трамп рече дека приходите од новите царини штотуку почнуваат да пристигнуваат, но на крајот би можеле да достигнат трилион долари годишно. Тој вели дека дел од парите ќе помогнат да се намали националниот долг, за кој рече дека би можел да достигне 38 трилиони долари. Според Министерството за финансии на САД, федералната влада има 37,64 трилиони долари федерален долг.
Републиканскиот претседател рече дека неговата администрација размислува да ги искористи приходите од царини за издавање чекови за враќање на средства на Американците.
„Исто така, би можеле да направиме распределба на луѓето, како дивиденда за американскиот народ. Разгледуваме можеби од 1 000 до 2 000 долари. Тоа би било одлично“,
изјави Трамп за ОАН.
Затворањето на владата ги запре научните истражувања, извештаите за економски податоци, па дури и некои национални паркови. Најдолгото затворање на владата во историјата на САД се случи за време на првиот мандат на Трамп, предизвикувајќи многу федерални операции во голема мера да запрат повеќе од пет недели.