Според американскиот претседател, ајатолахот е убиен во денешните напади на САД и Израел врз Иран, не можејќи да ги избегне, како што наведува, нивните разузнавачки и високософистицирани системи за следење
Американскиот претседател, Доналд Трамп доцна вечерва објави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и мртов.

Нарекувајќи го еден од најозлогласените луѓе во историјата, Трамп во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл напиша дека смртта на Хамнеи не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци.
Според американскиот претседател, ајатолахот е убиен во денешните напади на САД и Израел врз Иран, не можејќи да ги избегне, како што наведува, нивните разузнавачки и високософистицирани системи за следење.
Тој додава дека сега е најголемата шанса за иранскиот народ да си ја врати својата земја.
Трамп, исто така, наведува дека „силното и прецизно бомбардирање“ на Иран ќе продолжи „непрекинато во текот на целата недела или, колку што е потребно“ за да се постигне зацртаната цел.
Инаку, засега сè уште нема независна потврда за смртта на иранскиот врховен лидер, а конкретни докази нема ниту во изјавата на американскиот претседател, забележува „Гардијан“.
Во продолжение ја пренесуваме во целост објавата на Трамп на Трут соушл (Truth social).
„Хамнеи, еден од најозлогласените луѓе во историјата, е мртов. Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и оние луѓе од многу земји низ целиот свет, кои беа убиени или осакатени од Хамнеи и неговата крволочна банда криминалци. Тој не можеше да ги избегне нашите разузнавачки служби и високо софистицираните системи за следење и, тесно соработувајќи со Израел, немаше ништо што тој, или другите (ирански) лидери што беа убиени заедно со него, можеа да направат. Ова е најголемата шанса за иранскиот народ да си ја врати својата земја. Слушаме дека многу од нивната ИРГЦ (Иранска револуционерна гарда), војската и другите безбедносни и полициски сили повеќе не сакаат да се борат и бараат имунитет од нас. Како што реков синоќа: ‘Сега можат да имаат имунитет, а подоцна добиваат само смрт!’ Се надеваме дека ИРГЦ и полицијата мирно ќе им се придружат на иранските патриоти и ќе работат заедно за да ја вратат земјата до големината што ја заслужува. Тој процес наскоро треба да започне, бидејќи не само смртта на Хамнеи, туку и земјата, за само еден ден, е многу уништена, па дури и збришана. Сепак, тешкото и прецизно бомбардирање ќе продолжи, непрекинато во текот на целата недела или, колку што е потребно за да ја постигнеме нашата цел за МИР НИЗ ЦЕЛИОТ БЛИСКИ ИСТОК И СВЕТОТ“.

Претходно вечерва, во телевизиско обраќање, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека многу знаци укажуваат дека Хамнеи е мртов.
Дека врховниот лидер на Иран е убиен во денешните заеднички американско-израелски напади врз земјата, за Ројтерс потврдија два израелски извори кој биле запознаени со случувањата.
Едниот од нив рекол дека Израел добил фотографија од мртвото тело на ајатолахот Хамнеи, додека другиот кажал дека се подготвува официјално соопштение.
Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи рече дека претседателот и врховниот лидер на Иран е „безбеден и здрав“. Сепак, Хамнеи не е виден во јавност или на видеа откако започнаа нападите.
Од друга страна, ирански функционер, кого го цитираат светските медиуми, предупредува дека извештаите дека Хамнеи е мртов се дел од психолошката војна што ја водат непријателите на Иран.
Дел од светските медиуми, пак, повикувајќи се на изјави на граѓани на Иран, објавија дека луѓе излегле на улиците на Техеран и слават по објавената вест за смртта на ајатолахот.
„Сите луѓе излегоа на улиците и слават. Звуци од извици и прослави доаѓаат од целиот град. Тоа е многу емотивен момент. Војната што, за мене, започна во 2019 година – а во која директно се вклучив, почнувајќи од 2022 година, сега ја добивме. Ја одмаздивме крвта на нашите пријатели“, изјавило едно лице за „Гардијан“.
