Имплементацијата на „Сејф сити“ ќе почне во Скопје, Тетово и во Куманово. Целта е до средината на 2026 година со овој систем што детектира сообраќајни прекршоци да биде покриена целата територија на државата
Системот „Сејф сити“ формално ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година, но најмалку еден месец претходно ќе има тест-период во кој граѓаните и оние што управуваат моторни возила ќе бидат информирани дека сториле одреден прекршок. Казни ќе се пишуваат од почетокот на следната година. Ова денеска го најави министерот за внатреши работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната заедничка прес-конференција со неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар во Охрид.

„Работиме интензивно на промена на законските прописи. Вчера бев на собраниска комисија за прво читање на Законот за безбедност во сообраќајот, а во наредниот период ќе се стават во собраниска процедура уште пет-шест закони, со цел да можеме да го ставиме во функција како што треба системот ‘Сејф сити‘“,
кажа тој.
Посочи дека овој систем е замислено да функционира низ целата држава, но за почеток неговата имплементација ќе почне во Скопје, Тетово и Куманово.
„Се надевам дека коридорите 8 и 10 ќе бидат дел од првичната имплементација и ставање во функција на овој систем. Целта е до средината на 2026 година со овој систем што детектира сообраќајни прекршоци да биде покриена целата територија на државата“,
вели Тошковски.
Според него, целта на овој систем не е да се казнуваат граѓаните и да се полни буџетот на државата, туку да се спаси барем еден човечки живот повеќе од претходно.
„Бројките се страшни. Во 2024 имаме 142 жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила и случени сообраќајни несреќи. Сигурен сум дека во иднина овие бројки ќе почнат да се намалуваат со ставање во функција на еден ваков современ начин на детектирање, контрола и справување во она што значи поголема безбедност во сообраќајот“,
рече министерот.
Очигледно е, како што додаде, дека конзервативниот начин на борба против сообраќајните прекршоци и сторени кривични дела не дава резултати, па затоа се прави суштинска измена на законските прописи, имплементација на проектот „Сејф сити“ и заострување на казните против оние што безобѕирно управуваат со моторни возила.
„Оној што седнува зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или психотропни супстанци, или вози 90 километри на час над дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот“,
кажа тој.
Најави дека во иднина ќе бидат заострени казните особено во рамките на Кривичниот законик, па така освен парична, ќе се изрекува и затворска казна, како и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела.