Гласањето дојде неколку минути пред полноќ, а му претходеше неколкучасовна расправа со низа реплики и контрареплики меѓу пратениците, кои изнесоа различни ставови за предлогот Славески да ја води Народната банка. Пратенците од владејачкото мнозинство во дискусијата инсистираа на неговата стручност и компетентност, додека, пак, во фокусот на опозицијата беше политичката припадност на Славески и во тој контекст заканата по независноста на институцијата
Доцна вечерва Собранието го именуваше Трајко Славески за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.

Именувањето на Славески за гувернер на централната банка го поддржаа 68 пратеници кои гласаа „за“, додека 16 беа „против“.
Гласањето дојде неколку минути пред полноќ, а му претходеше неколкучасовна расправа со низа реплики и контрареплики меѓу пратениците кои изнесоа различни ставови за предлогот Славески да ја води Народната банка.
Пратенците од владејачкото мнозинство во дискусијата инсистираа на неговата стручност и компетентност, додека, пак, во фокусот на опозицијата беше политичката припадност на Славески и во тој контекст заканата по независноста на институцијата.
Визионерски пионер на марки што давале резултати беа зборовите што пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски ги употреби за да ја потенцира стручноста на Славески.
„Треба да бидат земени предвид и неговата економска и неговата општествена активност. Тој е визионерски пионер на мерки кои што давале резултати. Сакаме да разговараме од аспект на неговата стручност, сите други теми се неважни“,
рече Стојановски.
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, која е дел од владејачкото мнозинство, пратеникот Бобан Карапејовски, рече дека ако Славески е добар стручњак, а тоа, според него, го покажуваат неговите професионални компетенции, тогаш прашањето како тој приватно се чувствува или дали е припадник на политичка партија не треба да биде клучно.
Пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Елми Азири, пак, рече оти се сомнева дека дека Славески е соодветен за функцијата.
„Фактот што професор Славески над 25 години има политички функции нѐ става во дилема за зачувување на централната власт“,
рече тој.
Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, Славески ги исполнува критериумите кои се однесуваат на искуството, возраста, академската кариера и функциите што ги извршувал, но, како што кажа, не ги исполнува критериумите за висок морален кредибилитет, дигнитет, подготвеност за отчетност и за јавна комуникација со граѓаните и со институциите.
Според него, Славески секогаш стоел на страната на крупниот капитал наспроти работниците.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи во рамките на дискусијата нагласи дека критериумите не произлегуваат од компетентноста, туку може да се поврзани со одредени политички фактори.
Тој посочи дека во контекст на носење одлука за гувернер треба да се разгледаат сите аспекти за да се осигура дека Народната банка ќе продолжи да функционира како независна институција.
Пратеникот од политичката партија Левица, Реџеп Исмаил, во неговото образложение зошто Слсвески не е добар предлог- кандидат за гувернер, меѓу другото спомена дека тој бил најголем противник на зголемување на минималната плата, а дополнително, како што рече, ќе придонесе да се развие корупцијата и јазот меѓу богатите и сиромашните.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците оцени дека именувањето на лице како Славески кое никогаш не ја крие политичката припадност е закана за автономијата на институцијата.
Последен говорник пред чинот на гласањето беше пратеникот на СДСМ, Јован Митрески кој, како и неговите сопартијци ја потенцираше политичката припадност на Славески.
„Денес треба да гласаме со совест, дали сакаме гувернер или сакаме уште еден партиски портпарол облечен во елитно одело“,
рече Митрески.

Славески на функцијата гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија доаѓа од претседавачкото столче со Советот на Град Скопје.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, предлогот проф. д-р Трајко Слевски да биде именуван за гувернер на Народната банка до Собранието го достави минатата недела, односно на 21 мај.
Покрај Славески, меѓу најсериозните кандидати за гувернерската функција се споменуваа и имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска и ексминистерот за финансии Зоран Ставрески.