Претседателот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов стравува дека последиците од успешноста или од неуспешноста на евентуалниот референдум кој го најави ВМРО ДПМНЕ можат да бидат фатални за државата. Во изјава за Плусинфо, тој оценува дека изјаснувањето на народот, како што тој предлагаше, ќе било изводливо ако заклучоците за францускиот предлог не беа изгласани и ако не се одржеше првата меѓувладина конференција во Брисел.
„Јас уште на самиот почеток предлагав, ако нема единствен став во Собранието, тогаш граѓаните да се изјаснат на референдум за преговарачката рамка и за целиот пакет. Ама мојата идеја не беше да се блокира процесот по која било основа. Целиот наш ангажман беше да се заштитат нашите основни национални обележја, да се зачува и заштити македонскиот јазик, да не се дозволи билатералните прашања со Бугарија да влезат во преговарачката рамка. Сега ќе спроведевме референдум и на народот ќе му поставевме едноставно прашање: „прифаќаме или отфрламе?“. Во тој случај можеби немаше да има прва меѓувладина конференција и немаше да почне скринингот. Но, сега, работите се прилично сложени и комплицирани“,
вели Трајанов за Плусинфо.
Тој посочува дека се потребни пошироки консултации со домашни и со надворешни експерти за да се изгради конечен став и смета дека дека во таа насока се движи и активноста на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи тие, според Трајанов, немаат донесено децидна одлука дека ќе има референдум или како ќе гласи прашањето.
И од ДОМ, втората партија од владеачкиот корпус која не го поддржа францускиот предлог имаат недоумици околу референдумот за кој зборуваат од ВМРО ДПМНЕ. Нивната претседателка, Маја Морачанин вели дека не би сакала да навлегува во дискусија бидејќи ниту партијата која се залага за ваков пристап не е на јасно дали тој ќе биде за уставните измени, или за преговарачката рамка.
„Ако проблемот е преговарачката рамка, додава таа, тогаш референдумот требаше многу порано да биде спроведен, односно пред да се усвои преговарачката рамка“,
вели во својата изјава за Плусинфо претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.