Ова се миговите да се потсетиме и на оние што го жртвуваа и сопствениот живот за да спасат други животи оти, како што вели г.г. Стефан, никој нема поголема љубов од таа да ја положи својата душа за своите пријатели
Трагедијата во Кочани за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и молитви сиот наш народ, но и сите оние што сочувствуваа со нас. Пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повреден во страшниот пожар во Кочани. Ова е пораката што во пресрет на празникот Велигден ја упати поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, посочувајќи дека овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега.

„Кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвено испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа, годинешнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност“,
пишува во велигденското послание на г.г. Стефан.
Според него, ова се миговите да се потсетиме и на оние што го жртвуваа и сопствениот живот за да спасат други животи оти, како што додаде, никој нема поголема љубов од таа да ја положи својата душа за своите пријатели.