Перу е еден од најголемите светски производители на злато и годишно ископува околу 100 тони, што е околу четири отсто од целокупната годишна понуда на злато во светот

Најмалку 27 лица загинаа во пожар во рудник за злато во Перу, што е најтешката рударска несреќа во земјата во последните децении.
Според официјалните информации, две лица биле спасени од пожарот, но не се очекува да бидат пронајдени други преживеани.
Првичните информации говорат дека електричен краток спој го предизвикал пожарот во рудникот „Ла Есперанца“ што се наоѓа во регионот Арекипа во Перу.
Според информациите од локалните медиуми, се претпоставува дека рударите работеле во длабочина од 80 до 100 метри под земјата во моментот кога избил пожарот.
Во соопштението од регионалните власти се наведува дека отежнувачка околност во целата оваа ситуација е што најблиската полициска станица се наоѓа на оддалеченост од околу 90 минути од најблискиот град и тоа го отежнува одговорот во итни случаи.
Роднини на рударите, објави весникот „Ла Република“, се упатиле кон рудникот, но не им се дозволува пристап до локацијата. Компанијата сопственик на рудникот, пак, сè уште се нема огласено за катастрофата.
Перу е еден од најголемите светски производители на злато и годишно ископува околу 100 тони, што е околу четири отсто од целокупната годишна понуда на злато во светот.