И додека одговорноста за хаосот во Скопје власта ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска која ја имаше нивната поддршка на локалните избори, од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја бараат кај СДСМ, ДУИ и Левица чии кадри, како што велат од партијата, управуваат со хаосот продуциран од Арсовска и крими интересите на Ковачевски
Како што и најавија, приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и денеска ги продолжија блокадите на клучните крстосници во главниот град.

Со околу 200 паркирани автобуси и денеска се блокирани крстосниците кај Трговскиот центар „Мавровка“, крстосницата кај „Црвен крст“, како и булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје.




Според најавите на приватните превозници, главниот град ќе биде блокиран се додека не им биде исплатен долгот од страна на ЈСП „Скопје“.
Траат блокадите на скопските крстосници, но истовремено траат и обвинувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ за состојбата во главниот град.
И додека одговорноста за хаосот во Скопје власта ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска која ја имаше нивната поддршка на локалните избори, од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја бараат кај СДСМ, ДУИ и Левица чии кадри, како што велат од партијата, управуваат со хаосот продуциран од Арсовска и крими интересите на Ковачевски.
„Еве ги лицата кои управуваат со хаосот на Арсовска. Директор на ЈП ‘Паркови и зеленило’ е Зухјер Реџепи од ДУИ. Директор на ЈСП е Александар Стојковски од СДСМ. Директор на ЈП ‘Улици и патишта’ е Саид Саид од ДУИ. Директор на Градска библиотека ‘Браќа Миладиновци’ е Снежана Стојчевска од Левица. Директор на КИЦ е Антонио Димитров од Левица. Директор на Музеј на Град Скопје е Панче Велков од Левица. Заменик директор на ‘Градски паркинзи’ е Сенада Ибраимова од Левица. Директор на ‘Градски паркинзи’ е Крсте Петровски, инаку генерален секретар на ГРОМ, а заменик градоначалник е Александар Трајановски исто така од ГРОМ“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.
Од владејачкиот СДСМ, пак, топката ја префрлија кај ВМРО-ДПМНЕ и порачаа оти партијата ги има сите механизми за прекин на блокадите на приватните превозници, оти, како што велат, имаат мнозинство во Советот на Град Скопје, а најголем дел од членовите во Управниот одбор на ЈСП „Скопје“ се дел од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај ВМРО-ДПМНЕ е сета одговорност за прекин на блокадите. ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Градското собрание, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во сите Управни одбори на јавните градски претпријатија, вклучително и во Јавното сообраќајно претрпијатие. И наместо да преземат мерки за прекин на блокадите, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дрско ги малтретираат скопјани. ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Арсовска се главните виновници што Скопје е блокиран град“,
велат од СДСМ.
Блокадите и отежнатитот сообраќај во Скопје најверојатно ќе продолжат и следните денови со оглед на најавата на приватните превозници кои кажаа дека ќе протестираат се додека не се седна на маса и не се најде решение по однос на нивните барања.
Тие изразија жалење што по неколкуте обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката на Скопје, морале на ваков начин со блокада на крстосници да го изразат својот револт и да го свртат вниманието на јавноста кон нивните позиции.