Претходно е погоден уште еден товарен брод што се наоѓал 25 наутички милји северозападно од емиратот Рас Ал Хаима. Капетанот на контејнерскиот брод потврди дека бродот е оштетен од сомнителна, но непозната ракета
Товарен брод е погоден од непозната ракета во стратешкиот Ормуски Теснец, по што екипажот е принуден да се евакуира, соопштија Поморските трговски операции на Обединетото Кралство, а пренесува „Гардијан“.

На бродот, кој се наоѓал 11 наутички милји северно од Оман, избувна пожар, по што е побарана помош и е наредена евакуација на екипажот.
Претходно е погоден уште еден товарен брод што се наоѓал 25 наутички милји северозападно од емиратот Рас Ал Хаима.
Капетанот на контејнерскиот брод потврди дека бродот е оштетен од сомнителна, но непозната ракета.
Обемот на штетата не е познат, но потврдено е дека сите членови на екипажот се безбедни.
The UK Office of Maritime Trade Operations (UKMTO) is reporting an attack on a container vessel in the Persian Gulf, roughly 25NM northwest of Ras Al-Khaimah in the United Arab Emirates. The vessel reportedly sustained damage from a suspected but unknown projectile, with the… pic.twitter.com/oAuR9H4bBi
— OSINTdefender (@sentdefender) March 11, 2026
Инаку, Ормускиот Теснец е едно од најважните стратешки тесни грла во светот, низ кое, под нормални околности, дневно минуваат околу стотина бродови.
Како одговор на нападите на САД и Израел, Иран го затвори теснецот, напаѓајќи најмалку десет бродови што се обидоа да поминат низ него на почетокот на кризата.
Централната команда на САД соопшти дека американската војска погодила повеќе од 5 000 цели во Иран од почетокот на конфликтот на 28 февруари.
Покрај тоа, се наведува и дека во нападите се уништени или оштетени околу 50 ирански воени бродови.
По објавите во медиумите дека Иран почнал да поставува мини во Ормускиот Теснец, на својата социјална мрежа Трут соушл се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, со барање веднаш да бидат отстранети.
Неколку минути подоцна, Трамп соопшти и дека американските сили погодиле и целосно уништиле десет неактивни ирански бродови за поставување мини, како и дека ќе продолжат со нападите.
Официјален Вашингтон соопшти дека американските сили во текот на ноќта елиминирале повеќе ирански поморски бродови, вклучувајќи 16 поставувачи на мини во близина на Ормускиот Теснец.
Потегот следува откако Техеран се закани дека ќе го блокира извозот на нафта од регионот преку Ормускиот Теснец.
