„Побарало ли притвор обвинителството за убиецот? Изрекол ли судот мерка притвор за убиецот? Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава, ги презело дејствијата коишто требало д ги преземе. Дали тие биле навремени, согласно професионални стандарди итн., ќе провериме, ама поднело кривична пријава. Зошто обвинителот не побарал притвор, зошто судот кога ја донел пресудата изрекол условна осуда, зошто? Зошто не донел казна затвор?“, вели министерот за внатрешни работи
Јас не велам дали имало или немало вина во рамките на постапувањето на Министерството за внатрешни работи, има внатрешна конторола, ќе покаже истрагата, но се знае во оваа држава кој изрекува мерка притвор и кој бара мерка притвор, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со убиството на велешанката Росица Коцева и нејзиниот татко од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој потоа се самоуби.

За прашањата кои се отворија околу ефикасноста во постапувањето на Министерството за внатрешни работи во конкретниот случај, ресорниот министер вечерва говореше во централниот дневник на ТВ Сител.
На прашањето дали чувствува лична морална одговорност и одговорност кај структурите на Министерството, Тошковски одговори со контрапрашања, во кои посочи на надлежностите што ги имаат судот и обвинителството.
„Многу ми е жал што живееме во едно општество каде обично институциите си ја префрлаат вината од една на друга. Многу прашања се поставија деновиве на оваа тема и треба да бидат поставувани прашања. Јас би поставил првично две прашања: Кој во оваа држава изрекува мерка притвор? И кој во оваа државата изрекува мерка затвор, односно казна затвор? Кој во оваа држава единствено согласно закон може да предложи мерка притвор? Кој во оваа држава единствено може да поднесе обвинение? На првото прашање одговорот е: единствено судот може да определи мерка притвор. На второто прашање одговорот е: единствено обвинителство може да предложи мерка притвор“,
рече Тошковски.
Во однос на Министерството за внатрешни работи, тој најави дека истрагата на внатрешната контрола ќе покаже дали Министерството затаило или не, но додаде оти е срамно јавноста да се манипулира со изјави дека „Тошковски е крив“.
„Зошто е Тошковски крив? Заради тоа што јавното обвинителство не побарало притвор?“,
рече министерот.
Според него, други прашања, исто така, треба да се постават, а во насока на тоа дали за овој вид кривични дела треба да има построги санкции и дали треба поинаку да се процесуираат во рамките на Законот за кривична постапка (ЗКП).
Инаку, по убиството на 31-годишната Росица од Велес, неколку невладини организации за утре во 17:30 часот повикаа на протест пред Министерството за внатрешни работи и блокада кај паркот „Жена борец“ во Скопје во 18:00 часот поради, како што велат, колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени, што, пак, доведува до фемициди.
Во врска со најавениот протест, како и повиците за негова оставка што денеска дојдоа од опозицискиот СДСМ, Тошковски изјави дека не го оспрорува правото на протест, но повтори дека се знае кој е суд во државата и се знае кој е обвинител.
„Се знаат надлежностите и на судијата и на обвинителот“,
рече тој.
Прашан дали има информација за тоа дали по сите пријави за закани и насилство врз Росица била побарана некаква заштита од МВР, Тошковски рече дека од страна на Министерството е поднесена кривична пријава, а обвинителството е тоа што бара притвор.

Според Тошковски, судот да изрекол затворска наместо условна казна и да бил одреден притвор, убиецот сега ќе бил зад решетки, а Росица ќе жива.
„Побарало ли притвор обвинителството за убиецот? Изрекол ли судот мерка притвор за убиецот. Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава, ги презело дејствијата коишто требало д ги преземе. Дали тие биле навремени, согласно професионални стандарди итн. ќе провериме, ама поднело кривична пријава. Зошто обвинителот не побарал притвор, зошто судот кога ја донел пресудата изрекол условна осуда, зошто? Зошто не донел казна затвор? Да донел казна затвор и да утврдел мерка притвор сега тоа лице коешто се самоуби ќе беше во затвор, а Росица ќе беше жива. Мораме да престанеме да се лажеме себеси и да ја лажеме јавноста“,
изјави Тошковски.