За седумтемина полициски службеници од Кочани и Штип, како што рече министерот, постои сомнение дека сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови
Седумтемина осомничени полициски службеници од Кочани и Штип, за кои е отворена истрага од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови, при што починаа 59 лица, а 196 се здобија со тешки телесни повреди.

Ова на денешната прес-конференција го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесувајќи детали за дејствијата што ги преземале седумтемина полициски службеници за кои ОЈО ГОКК поведе истрага.
Тошковски рече дека ова се лицата за кои постои сомнение дека со изготвување незаконски документи придонеле да се случи трагедијата во Кочани.
„Првиот како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќајот. Третиот како началник на Одделение за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кои е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање лиценца за кабаре сториле незаконитост. Петтиот, како документарист во ПСОН Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци дека во и близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот во својство на заменик-командир и седмиот како началник на Одделението за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и близина на кабарето, истите вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале со што како службени лица не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за кабарето и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето“,
појасни Тошковски.
Министерот додаде дека надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка побарал на сите седум лица да им се одреди мерка притвор, ценејќи дека се исполнети условите за тоа. Седумтемина полициски службеници се обезбедени од страна на МВР и се носат пред надлежен судија на претходна постапка.
„Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице по наредба на надлежен јавен обвинител коешто е поврзано со овој кривично-правен настан, а притоа е едно од раководните лица и во овој момент во Министерството за економија. Се работи за истото лице кое во текот на вчерашниот ден напоменав дека се вршат претреси во рамки на службени простории коешто тоа ги користи во Министерството за економија и коешто е директно поврзано со сомнежи кои ги имаме, а се во насока на изготвување на незаконски документи од страна на Министерството за економија поврзани со предметниот кривично-правен настан“,
додаде Тошковски.