На прашањето дали тие лица ќе бидат од службите, Тошковски рече дека не би можел и не би сакал да навлегува во тие информации

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека ќе има проширување на истрагата откако вчера беа приведени двајца пензионирани полициски инспектори кои им оддавале службени тајни на лицата што се поврзуваат со криминалната група Дуќанџик од селото Грчец. Министерот Тошковски вели дека полицијата има обемна документација и дека веројатно ќе бидат опфатени и други лица.
„Во рамки на доказниот материјал што се анализира од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција постојат огромен број на докази. Сите докази што се анализираат се прибавени од онаа апликација ’Скај’ што ни е дадена од нашите меѓународни партнери така да мислам дека во иднина ќе има доста интересни случаи за јавноста, а поврзани со организиран криминал и висока корупција. Овој случај е поврзан со двајца полициски службеници во периодот кога ги сториле кривичните дела за кои се товарат, а кои денеска не се веќе полициски службеници, но во рамки на информациите што ги имам станува збор за огромен број на докази поврзани со конкретни кривични дела“,
рече Тошковски денеска во одговор на новинарски прашања.
Тошковски вели дека во иднина ќе следуваат и поголем број случаи што се поврзани со доказниот материјал обезбеден од апликацијата „Скај“.
На прашањето дали тие лица ќе бидат од службите, Тошковски рече дека не би можел и не би сакал да навлегува во тие информации.
Вчера од Јавното обвинителство информираа дека двајца пензионирани полициски службеници и уште едно лице се приведени.
Во соопштение од МВР беше наведено дека на 3.11.2024, по преземени оперативно – тактички мерки и активности, како и врз основа на наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршен бил претрес во домовите на лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефони, лаптоп и разновидна документација.
Од Министерството за внатрешни работи рекоа дека осомничените во периодот од декември 2019 година до март 2021 година, се поврзале со оваа криминална група во која имале посебна улога за пренесување службени информации, поврзани со организирани криминални групи инволвирани во извршување на криминални активности од повеќе области, особено на тешки кривични дела, од кои за некои е предвидена и казна доживотен затвор.
Од МВР рекоа дека Бирото за јавна безбедност во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од октомври 2023 година до јануари 2024 година спроведувале истрага за македонски државјани, кои како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја енкриптираната апликација „Скај“ договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и С Македонија и учествувале во извршување на други кривични дела, а која заврши со кривична пријава против 16 лица.
