„Сакам да се заблагодарам на полициските службеници кои што учествуваа директно во рамки на оваа акција. Информиран сум дека ова било мошне, така кажано, филмско апсење на криминалците кои ја транспортирале дрогата, така што благодарност до нив, честитки за сработеното“, изјави денеска министерот за внатрешни работи
Полициски тим на Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица вчера разбил меѓународен канал за трговија со дрога. Во акцијата, како што информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, полицијата запленила околу 100 килограми марихуана и биле уапсени неколку лица.
Тошковски информацијата за акцијата ја соопшти одговарајќи на новинарско прашање за време на прес-конференцијата со својот литвански колега Владислав Кондратович по потпишувањето на договорот за реадмисија меѓу двете држави.

„Во текот на вчерашниот ден припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР), поточно СВР Струмица, разбија еден меѓународен канал за нелегална трговија со дрога и успеаја да запленат околу 100 килограми марихуана која беше превезувана на територија на СВР Струмица“,
рече Тошковски.
Целта на транспортот, според првичните информации, како што кажа, била марихуаната да биде изнесена надвор од државата.
Дополнително, министерот рече дека информациите што ги добил, велат оти апсењето на лицата што ја транспортирале дрогата било филмско и им се заблагодари на полицајците што учествувале во акцијата, без да сподели повеќе детали.
„Сакам да им се заблагодарам на полициските службеници што учествуваа директно во рамки на оваа акција. Информиран сум дека ова било мошне, така кажано, филмско апсење на криминалците кои ја транспортирале дрогата, така што благодарност до нив, честитки за сработеното“,
рече министерот за внатрешни работи.
Воедно, тој бил информиран од началникот на СВР Струмица дека ќе даде предлог полициските службеници што учествувале во акцијата да бидат наредени.
„Јас со задоволство ќе го прифатам предлогот и соодветно, согласно законот, ќе ги наградиме полициските службеници кои во рамки на своето работење ја извршија оваа акција“,
кажа министерот за внатрешни работи.
Од Министерството за внатрешни работи и од надлежно јавно обвинителство засега официјално не соопштија детали во врска со оваа акција која била реализирана вчера.