Во однос на хибридните закани, Тошковски првин даде објаснување на поимот, а потоа рече оти е факт дека во Македонија изминатите неколку месеци има хибриден напад, кој доаѓа од повеќе страни и е на повеќе полиња
Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни и на повеќе полиња. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но повторно не сакаше да сподели повеќе информации за јавноста во врска со истрагата.

Инаку, прашањето дали земјава е цел на хибриден напад се наметна во последниот период по неколкуте пожари на депонии во главниот град, за кој претставници на власта излегоа со тврдења дека се дел од ваков тип напад. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во истиот контекст изјави дека, од информациите кои ги добил од службите, зад нападите стојат центри на моќ од државата и надвор од неа.
Прашан денеска дали е утврдено кои се внатрешните и надворешни центри на моќ кои стојат зад пожарите и дали може нешто да соопшти за јавноста, Тошковски рече:
„Многупати досега сум го изнел она коешто можам да го изнесам, но повеќе детали во овој момент не можам да споделам со јавноста“,
кажа тој, одговарајќи на новинарски прашања на маргините на 16. Меѓународна конференција што традиционално се одржува во Македонија, во организација на Факултетот за безбедност.
Во однос на хибридните закани, Тошковски првин даде објаснување на поимот, а потоа рече оти е факт дека во Македонија изминатите неколку месеци има хибриден напад, кој доаѓа од повеќе страни и е на повеќе полиња.
„Хрибридни закани е поим којшто многу често се користи во рамки на научната мисла и во рамки на праксата, особено од страна на безбедносните служби. Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња. Имаме загрозување на одредени витални точки во државата. Тоа сите го гледаме, тоа го гледам македонскиот народ, тоа го гледате вие новинарите, тоа го гледаат и институциите. Дали постапуваме? Постапуваме. Дали можам да изнесам дополнително информации во јавност во овој момент? Не“,
рече министерот за внатрешни работи.
На прашањето дали има некоја нова трага и нови осомничени во однос на центрите за моќ за кои говореше премиерот, Тошковски кратко одговори: „Да, имаме“.
Пред речиси една недела, министерот за внатрешни работи одговараше на прашање на истата тема во телевизиско гостување.
„Па, почнато е да се одмотува“,
беше неговиот одговор на прашањето, кога се очекува разрешница на случаите во врска со пожарите.

Во врска со критиките од опозицијата дека тезите на власта оти пожарите се подметнуваат во политички цели се само манипулација на јавноста, министерот за внатрешни работи повторно беше краток во одговорот.
„Ќе видиме дали е манипулација и дали зад овие пожари стојат и политички структури. Ќе видиме за брзо“,
рече Тошковски во интервју за ТВ Сител.
За тоа дали мотивот за овие хибридни закани преку пожари, а со тоа и нарушување на здравјето на луѓето и на животната средина, е за да се сруши оваа влада, министерот за внатрешни работи рече дека има и такви индиции.
На забелешка на новинарот дека е многу штур во одговорите, Тошковски изјави дека е министер за внатрешни работи, а не министер за култура и мора да внимава што зборува, особено во оваа фаза од предистражната и од истражната постапка.