„Со извршените контроли во системот за контрола на патници и возила е утврдено дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила. Исто така, констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила“, информира Тошковски
Министерството за внатрешни работи, во врска со патувањето на собранискиот спикер Африм Гаши во Косово, во последните три дена извршило интензивни проверки кои вклучуваат преглед на камерите на граничниот премин „Блаце“, увид во евиденцијата на системот за контрола на патници и возила и евиденцијата во книгите на настани и процедури на граничниот премин, информира преку својот фејсбук-профил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Притоа, било утврдено дека планот за патување на претседателот Гаши бил уредно најавен и заведен во евидентните книги по претходно известување од Министерството за надворешни работи на 16.08.2024 година. Во известувањето, покрај претседателот на Собранието, опфатени биле и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила.
Како што додава Тошковски, граничниот премин на 18.8.2024г. во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП-возило. Министерот информира дека при направена контрола во системот за контрола на патници било утврдено дека имало пропусти.
„Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата со цел обезбедување на простор без други возила, е гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно член 17 од Законот за гранична контрола, како што се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време. Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не евидентираат во системот за контрола на патници и возила. Исто така, констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила“,
напиша Тошковски на Фејсбук.
Тој најави дека за утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север, МВР ќе преземе соодветни мерки за утврдување на одговорност за раководителот на смена, согласно Колективниот договор.
„Она што е важно и кон што се стреми Министерството за внатрешни работи е законите да важат за сите исто. За секоја активност која не е во рамки на пропишаните законски и работни процедури мора да има конкретна индивидуална одговорност. Навистина поминаа времињата кога беше нормално полициски службеник заштитен од корумпирана власт да се впушта во активности кои ги надминуваат неговите законски овластувања и обврски. Никој не е, и не може да биде над законот. Уште еднаш апелирам до сите полициски службеници да работат согласно законите и правилата и да ја одбијат секоја незаконска наредба или непринципиелно барање од кого било“,
порача Тошковски.
Од СДСМ денеска изјавија дека тоа што спикерот Африм Гаши приватно, со службено возило и обезбедување, бил на свадба во Косово е само мал дел од скандалот во кој улога имало и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Имено, портпаролката на најголемата опозициска партија денеска на прес-конференција обвини дека рампата на граничниот премин „Блаце“ кон Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Поради ова, од СДСМ побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.