Ова е уште една потврда дека полицијата е тука за граѓаните во секоја ситуација, подготвена да реагира и кога станува збор за сложени акции за спасување животи, порача Тошковски
Припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и хеликоптерската единица при МВР во координирана акција со полициското одделение Маврово и неколку други институции, од водите на езерото во 15.10 часот успешно ги извлекле Х. Б.(24) и И. Р.(23), двајцата од Скопје, во контактибилна состојба, по што биле пренесени во Ургентниот центар во Гостивар за преглед, соопшти МВР за денешната спасувачката акција во Мавровското Езеро.

За акцијата на Фејбук информира и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој изрази благодарност до припадниците на полицијата и другите институции.
„Благодарност до храбрите припадници на Одделот за воздухопловни единици и САЕ ‘Тигар’, како и на сите други кои денес со брза и одлучна акција успеаја да спасат две момчиња од водите на Мавровското Езеро. Ова е уште една потврда дека полицијата е тука за граѓаните во секоја ситуација, подготвена да реагира и кога станува збор за сложени акции за спасување животи“,
напиша Тошковски.
Денеска во 12.45 часот преку линијата 112 било пријавено дека во Мавровското Езеро биле забележани две лица кои се качиле во чамец и почнале да се движат по езерото. Набргу, чамецот се превртел, а лицата се држеле за чамецот додека брановите ги воделе кон браната. За настанот биле известени Центарот за управување со кризи, Итната медицинска помош и Националниот парк „Маврово“.