Од утре, 1 февруари, почнува со функционирање системот „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Тоа значи дека ќе бидат санкционирани граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на МРТ 1 зборуваше за толеранциите при регистрирањето на прекршоците и рече оти смета дека толеранциите се апсолутно прифатливи со цел да заживее системот и да се уверат граѓаните дека целта не е казнување, туку целта е помалку несреќи, повредени и загубени животи

Системот „Безбеден град“ не е систем за казнување, туку има за цел да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот и при тоа спасиме еден човечки живот повеќе, оти животот нема цена. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во очи на утрешното започнување со функција на системот што ќе детектира сообраќајни прекршоци преку камери.
Тошковски во гостување на МРТ 1 рече дека од вчера во примена е нов правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за возачите.
„Во изминатиот период имаше огромен број забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6км/ч кога управувате моторно возило до 100км/ч, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот што е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од Министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи, се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100км/ч толеранцијата законски, согласно новиот правилник, е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч, а се управува возило со над 101км/ч, камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч“,
објасни Тошковски.
Министерот смета дека овие толеранции се апсолутно прифатливи со цел да заживее системот и да се уверат граѓаните дека целта не е казнување, туку целта е помалку несреќи, повредени и загубени животи.
Тошковски најави дека возачите ќе добиваат информација и во случај кога го надминале законски утврденото ограничување на брзината, но останале во рамки на толерираната брзина.
„За сите овие прекршоци што се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч, од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч, од 50-59км/ч, ќе доставуваме информативна порака од Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин што ја пречекорил брзината, со која ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција што е дозволена, нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај Боже, кој било граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч, таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично“,
порача Тошковски.
Од утре, 1 февруари, почнува со функционирање системот „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Тоа значи дека ќе бидат санкционирани граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Во правата фаза, системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци, како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
