Утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција што гарантира сигурност и доверливост на системот, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски

Во периодот на финално тестирање на камерите од „Безбеден град“, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека проверките на точноста на мерењето на брзината, покажуваат минимални отстапувања. Тој денеска бил на една од локациите каде што се верификуваат камерите.
„Во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот. Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки“,
објави Тошковски.

Тој повторува дека целта на системот е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.
„Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи“,
вели Тошковски.
Инаку, Собранието пред два дена ги изгласа измените во Законот за прекршоци, со што се отвора патот за официјален старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци од 1 февруари.
