„Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава“, информира министерот Тошковски

„Македонската полиција работи и во недела“, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информирајќи дека при посета на полициската станица во Ѓорче Петров се запознал со текот на денешната полициска акција.
Тошковски потврди дека се работи за акција за сузбивање група осомничена за криумчарење луксузни возила.
„Утрово ги посетив полициските службеници во ЕВР Ѓорче Петров, каде одблиску се запознав со текот на акцијата што денеска се спроведува од страна на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција. Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава“,
напиша Тошковски.
Како што веќе објавивме, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје од утрово се преземаат дејствија за обезбедување докази во постапка за кривични дела поврзани со криумчарење луксузни автомобили од странство.
Како што информираат од Обвинителството, надлежниот јавен обвинител од судијата на претходна постапка обезбедил наредби за претрес на повеќе локации во Скопје и други градови. Меѓу осомничените има и службени лица и еден странски државјанин.
„Претресите се спроведуваат од припадници на МВР, а за натамошниот тек на постапката и за конкретните дејствија за кои постојат сомненија дека ги сторило секое од инволвираните лица, Обвинителството ќе информира по нивното завршување“,
наведуваат оттаму.
Според првичните информации, полицијата врши претреси во Скопје, Битола, Неготино, Дојран и во Гевгелија, во потрага по криминална група што шверцувала скапи возила од Европската Унија.